Град Скопје реагира на соопштението на политичката партија Левица со неосновани и паушални обвинувања за работата на градот.
„Град Скопје секоја година распишува јавни повици (набавки) за реализација на проекти и кампањи, од аспект на промоција на активности и реализација на кампањи од јавен интерес. Финансиските средства за оваа намена се планираат во годишните буџети, планови за јавни набавки и програми за работа на Град Скопје, а се однесуваат за континуирано инфомирање на јавноста за градските активности и проекти.
Во 2021 година Град Скопје распиша јавен повик за Подготовка и имплементација на промоција на кампањи за посебни проекти за активностите на Градот Скопје, каде преку електронска аукција избрана е компанијата Друштво за маркетинг ЊУ МОМЕНТ ЊУ ИДЕАС КОМПАНИ ДОО Скопје. Целосната вредност на договорот изнесува 6.779.552 денари без ДДВ, но бидејќи набавката е рамковна не значи дека ќе бидат потрошени сите финансиски средства предвидени во договорот.
Градот Скопје има потреба да комуницира со граѓаните за подигнување на јавната свест за: користење на велосипеди, информации за субвенции, заштита на животна средина, правилно одложување на отпадот, активностите за намалување на аерозагадувањето (кампањи против палење стрништа, спречување на огнови на отворено, чистењето на оџаци), промоција на активности за здрави животни навики (Скопје вежба), промоција на културни манифестации, како и одбележување на значајни датуми од историјата на градот.
Овие активности, избраната компанија ги реализира преку закуп на медиумски простор, билборди, огласи, летоци и нивна дистрибуција и сл“, стои во реакцијата на Град Скопје.