Скопски изборен штаб на Левица тврди дека Град Скопје во февруари оваа година склучил договор со маркетинг агенција „Њу момент њу идеас компани“ за подготовка и имплементација на промоција на кампањи за посебни проекти за активностите на град Скопје.
„Нејасно за какви посебни проекти се работи, за потребите на оваа набавка се издвоени неверојатни 7.999.871,00 денари државни пари! Шилегов смета дека може да ги лаже граѓаните и подмолно и дрско да нафрла и притоа реализира измислени потреби за фунционирање на општината. Дали тоа значи дека овие средства се потрошени пред почеток и во тек на изборната кампања за сметка на промоција на Шилегов?“, прашуваат од Скопски изборен штаб на Левица.
„Имено, Градот Скопје има своја веб страна, каде што постои информативно гласило, во кое гласило се објавуваат информации за програмите, проектите и дејствијата кои општината ги презема во текот на една година, а кое гласило служи за граѓаните да бидат информирани за се она што го презема Градот. Уште повеќе што во Градот Скопје се вработени службеници, како што е Раководителот на Сектор за поддршка на градоначалникот, каде помеѓу другите обврски во описот на неговото работно место стои: „Oрганизацијата и спроведувањето на информирањето на јавноста и медиумите за активностите на органите на Градот Скопје, јавните претпријатија и јавните установи од надлежност на Градот Скопје“.
За што се потрошени овие средства во 13 месеци колку што трае овој договор и каде е тука транспарентноста и отчетноста пред граѓаните? И повторно гледаме расфрлање на средства од Градот Скопје во време на пандемија каде секој потрошен денар треба да е луксуз, додека Шилегов своите нереализирани проекти ги правда со кризата од пандемијата.
Левица се залага за јавно, редовно и навремено објавување на сите планови и проекти донесени за Градот Скопје, како и креирање на дигитален портал Е-ГРАД каде граѓаните ќе можат континуирано да ги следат и оценуваат ефикасноста и отчетноста на општината“, велат од Скопски изборен штаб на Левица.