Дрисла новиот концесионер ќе го добие по завршувањето на претседателските избори. Според градоначалникот на Град Скопје, Петре Шилегов недвосмислено е дека со депонијата ќе раководи германската компанија „Шолц“. Дотогаш депонијата ја презема Град Скопје.
Советот на Град Скопје денеска не расправаше за избор на концесионер за депонијата Дрисла по барањето на градоначалникот Петре Шилегов седницата да се одложи, поради претстојните претседателски избори. Шилегов порача дека недвосмислена е одлуката партнер на градот во работењето со депонијата да биде германската компанија „Шолц“, која е највисоко рангирана од комисијата која ја формираше градоначалникот. Според него, седницата е одложена бидејќи тој не сака Советот на Град Скопје да остави било каква правна дамка или алиби дека одлуката се донела за време на изборна кампања.
„Потенцирам уште еднаш нашата одлука, нашата препорака до Советот за носење на одлука е „Шолц“ да биде новиот партнер на градот за периодот за којшто се издава концесијата. Денеска дадов налог до градската администрација да ја започне постапката за преземање на управувањето на Дрисла од страна на Градот Скопје се до завршувањето на постапката, односно носењето на оваа одлука за новиот концесионер. Така што да ја започнеме постапката со излегување на италијанскиот концесионер од Дрисла и Градот ќе управува со депонијата се до мај месец кога ќе биде донесена одлуката за избор на Шолц“, рече Шилегов.