Седумте детски градинки во Прилеп по летните одмори работат со полн капацитет, а во моментов се згрижени 1.486 деца. И покрај новоотворената градинка „Бајка“ во населбата Точила, на листата на чекање има околу 150 деца.
В.д. директорката на градинките „Наша иднина“, Билјана Петкоска, вели дека проблем со простор нема, туку со недостиг од кадар.
Во градинката „Бајка“ има четири целосно опремени занимални кои не се ставени во функција токму поради недостигот од персонал. Со нивно активирање би можеле да се згрижат уште околу 100 деца, со што листата на чекање би се намалила на околу 50.
Во прилепските градинки во моментов недостигаат околу 30 вработени од различни профили – четворица воспитувачи, осум негуватели, хигиеничари, садомијачи, градинар-стражар и хаусмајстор.
„Недостиг од персонал поради пензионирање имаме во сите градинки. Имаме доставено барања и чекаме на согласности. Се надеваме дека ситуацијата за брзо ќе се реши“, вели Петкоска.
Во населените места градинка има само во прилепското село Бероци, каде што се згрижени 12 деца. Простор за отворање градинки има и на други места, но засега нема потреба.