Градоначалникот на Лондон, Садик Кан, е прогласен за виновен и казнет поради неплаќање данок за 24 години стар автомобил „Нисан Микра“, за кој тој тврди дека никогаш не бил негов.
Кан (55) минатиот месец бил прогласен за виновен во кривична постапка покрената од Агенцијата за лиценцирање на возачи и возила (DVLA), поради поседување нерегистрирано возило.
Според судските документи, известувањата за неплатениот данок биле испраќани во ресторан на познатиот британски готвач Гордон Ремзи во источен Лондон, наместо до блиските канцеларии на „Транспорт за Лондон“ (TfL).
Од Градското собрание тврдат дека автомобилот не му припаѓал ниту на Кан, ниту на „Транспорт за Лондон“.
Портпаролот на градоначалникот случајот го опиша како измама.
„Ова е измама, што претставува кривично дело. Ова не е првпат градоначалникот да биде жртва на измама, во која луѓе лажно тврдат дека Садик е сопственик на одредено возило“, изјавил портпаролот, додавајќи дека DVLA е запознаена со случајот.
Кан бил прогласен за виновен во отсуство, на рочиште без присуство на јавноста. Судот му наложил да плати 220 фунти казна, 85 фунти судски трошоци, како и да го подмири долгот од 35,84 фунти за неплатениот данок.
Постапката била покрената откако годишниот данок за „Нисан Микра“, кој првпат бил регистриран пред 24 години, истекол во септември 2025 година.
Од DVLA соопштија дека го разгледуваат случајот и ги истражуваат околностите под кои била покрената постапката.