Граѓаните би можеле директно да учествуваат во изградбата на стратешки енергетски проекти, наместо своите заштеди да ги вложуваат исклучиво во недвижности, смета претседателот на Регулаторната комисија за енергетика, водни услуги и услуги за управување со комунален отпад, Ацо Ристов.
Говорејќи на тркалезната маса „Зајакнување на конкурентноста – Енергетската транзиција, CBAM и иднината на македонската индустрија“, организирана од Фајнс Тинк, Ристов предложи при реализацијата на капитални енергетски проекти, како што е ХЕЦ Чебрен, да се разгледа можноста за формирање акционерско друштво во кое ќе можат да инвестираат и граѓаните.
„Енергетиката не е привилегија само на државата, туку можност за сите. Покрај класичните модели на кредитирање, треба да се размислува и за модели преку кои граѓаните ќе можат да купуваат акции и директно да учествуваат во финансирањето на ваквите проекти“, изјави Ристов.
Осврнувајќи се на развојот на енергетскиот сектор, тој оцени дека енергетската транзиција е веќе реалност и дека најавената изградба на когенеративна централа во Битола претставува јасен сигнал за постепено намалување на зависноста од фосилните горива.
Ристов најави дека следен фокус на Регулаторната комисија ќе биде развојот на е-мобилноста, посочувајќи дека Македонија значително заостанува зад развиените земји во овој сегмент.
„Електрификацијата на транспортот е иднината. Додека многу развиени држави веќе имаат над 50 проценти развиена е-мобилност, кај нас тој удел е околу еден процент. Затоа како регулатор започнуваме со подготовка на соодветна регулатива која ќе го поттикне развојот на овој сектор“, истакна тој.
Во однос на јаглеродната такса и конкурентноста на домашната енергетика, Ристов оцени дека цената на електричната енергија останува регионално ограничена и недоволно конкурентна на европскиот пазар, при што нагласи дека е неопходно јасно раздвојување меѓу производството на енергија од обновливи извори и она добиено од фосилни горива.