Професорката на Одделот за балкански, славистички и ориентални студии при солунскиот Универзитет „Македонија“, Александра Јоаниду, во интервју за „Дојче веле“ на македонски јазик вели дека реакциите во Грција околу македонскиот јазик „попуштиле“ и дека табуата околу „македонското прашање“ полека се разградуваат.
„Можеби поради Преспанскиот договор, а можеби и затоа што на луѓето им е преку глава од темата. Сѐ уште има поединци кои реагираат жестоко, но тие се сѐ повеќе на маргините на општеството“, изјави Јоаниду, која со години ги проучува македонските говори во северозападна Грција.
Таа потсети дека на ланската конференција за македонскиот јазик во Солун, нејзиниот тим истакнал дека името на јазикот и идентитетот се потврдени и од Грција и од меѓународната заедница преку Преспанскиот договор.
„Смешно е и апсурдно да се бара да не се споменува македонскиот јазик. Не постои ниту еден Грк кој во странство би се претставил како Македонец, ниту пак постои грчки јазик кој се нарекува ‘македонски’“, нагласи таа.
Во однос на Македонците во Грција, Јоаниду оцени дека Преспанскиот договор е „амбивалентен“ затоа што го избегнува признавањето на етнички и јазично различното население во земјата.
„Правото на самоопределување е основно човеково право. На грчките државјани со македонска етничка свест и јазик не смее да им се забрани да се нарекуваат Македонци и да го зборуваат македонскиот јазик“, изјави професорката.