Синоќешното невреме предизвика штета и со водоснабдувањето во Струга. Денеска има отежнато водоснабдување затоа што гром удрил во трансформаторот преку кој се напојуваат со електрична енергија пумпите за вода во селото Шум, од каде се снабдува со вода Струга и околината.
Јавното претпријатие „Проаква“ информира дека трансформаторот претрпел големо оштетување, што го отежнува снабдувањето со вода на населението.
– Како последица на ова во текот на денот ќе има слабо снабдување со вода за пиење на Струга и селата. Апелираме до корисниците да преземат потребни мерки за да имаат вода барем за основните потреби додека не се санира овој голем дефект, соопшти ЈП „Проаква“.
Екипи на претпријатието заедно со ЕВН Македонија, се на местото и прават напори да го оспособат трансформаторот, за да се нормализира снабдувањето со вода за пиење во текот на денов.