Адвокатите на Никола Груевски ја искористија и последната можност за жалба пред 8 ноември кога Груевски треба да замине на издржување на казната затвор од две години за случајот „Тенк“.
Од адвокатскиот тим на Груевски за НОВА потврдија дека вчера попладне доставиле жалба до Кривичниот совет откако претходно беше одбиена молбата со која бараа да се одложи издржувањето на казната затвор. Со ова, тие го искористија законскиот рок од три дена што го имаа да се жалат до Кривичниот совет. Решението на судијата дека му се одбива молбата беше доставено до адвокатите во петокот, кога беше и донесено, и од тогаш течеше тридневниот рок за жалба.
За жалбата до Кривичен Никола Груевски лично се обратил до претседателот на Собранието Талат Џафери од кого побарал потврда дека тој е член на собраниската Комисија за уставни прашања. Спикерот Џафери денеска рече дека одговорил на барањето на Груевски и до пратеникот, како што велат собраниски извори, била испратена фотокопија од „Службен весник“ дека е член на таа собраниска комисија, со потпис од претседателот на Собранието.
Адвокатите на Груевски бараат извршувањето на казната затвор да се одложи поради неодложни пратенички обврски на Груевски во Собранието каде утре ќе започне расправата по нацрт амандманите во уставната комисија во која тој е член. Истите причини беа наведени и кога адвокатите поднесоа молба до судија за извршување санкции, кој го одби со образложение дека „Собранието одлучува со 61 пратеник“ и дека присуството на Груевски не е неопходно.
Според упатниот акт, Груевски треба до 8 ноември (четврток) да се јави во истражниот затвор Шутка на издржување на казната.