Вицепремиерот и министер за транспорт Александар Николоски денеска порача дека состојбата на поштенскиот пазар не може да остане иста и дека мора да се воспостави фер однос меѓу државната и приватните пошти.
На јавниот состанок што го одржа Агенцијата за пошти, Николоски нагласи дека е неприфатливо приватните оператори да го преземаат само профитабилниот дел од пазарот, додека Македонска пошта ја носи општествената одговорност за испорака и во рурални и непрофитабилни средини.
„Да бидеме фер и отворени – многу е лесно да се земе делот од пазарот што е профитабилен, а Македонска пошта да ја има општествената одговорност. Или сите подеднакво ќе го носат товарот, или ќе носиме други одлуки“, истакна Николоски, нагласувајќи дека неговата цел е Македонска пошта да расте, а не да пропаѓа.
Тој потсети дека и во рамки на Планот за раст се бара подобрување на ефикасноста со намалување на трошоците до 15 проценти и зголемување на профитабилноста за ист процент, но оцени дека тоа во сегашните услови е практично невозможно без промена на регулативата.
Николоски истакна дека Македонија во континуитет ја следи европската пракса за регулација на поштенскиот пазар, иако земјата не е членка на ЕУ, што создава сериозни предизвици за функционирањето на Македонска пошта. Притоа подвлече дека оваа Влада има јасна определба да го заштити државниот капитал и државните компании, за разлика од претходни влади кои, како што рече, биле подготвени да ги продаваат.
Во таа насока најави и законски измени, кои ќе бидат резултат на консултации со сите релевантни чинители на пазарот, со цел создавање поправични услови за работа.
Вицепремиерот информираше и дека следниот месец Владата ќе ѝ обезбеди на Македонска пошта 100 возила – 90 помали и 10 поголеми комбиња – со што значително ќе се подобрат условите за работа и испорака.
Покрај тоа, најави програма за дополнителна поддршка во делот на софтвер, сортирки, просторни услови и модернизација на услугите, при што соработката со Агенцијата за пошти ќе има клучна улога.
Осврнувајќи се на глобалните трендови, Николоски нагласи дека традиционалната трговија постепено изумира, а е-трговијата станува сè поатрактивна, што отвора нови можности токму за поштенскиот сектор.
„Ќе гледаме затворени дуќани и трговски центри, но и многу повеќе пратки што ќе одат директно до адресите на граѓаните. Тоа е шансата и за државната и за приватните пошти, но и можност загубените работни места во традиционалната трговија да се надоместат со нови“, истакна тој.
Според Николоски, работите мора да се гледаат реално, а не розово, со цел и државната и приватните пошти да работат профитабилно, да имаат повеќе вработени и да не се повторуваат лошите искуства од минатото.
Инаку, на македонскиот пазар во моментов работат 29 правни лица за поштенски услуги – 28 со општо овластување и АД Пошта на Македонија како државна компанија.
На настанот се обрати и директорката на Агенцијата за пошти Марина Тоневска, која направи осврт на досегашните активности и идните планови, додека Данијела Спасиќ Томовска ја презентираше анализата за пазарот на поштенски услуги за првата половина од 2025 година.