Седум катни гаражи, околу 10.000 зонски паркинг-места, над 2.000 места за паркирање во т.н. затворени паркиралишта со рампа, уште толку паркинг-простор на приватни субјекти - а паркирањето во Скопје сè уште е тежок, па и скап потфат. Некаде паркирање може да се најде за 30 денари, но најчесто тоа чини 40 или 50 денари само за еден час.
Нема ниту гаранции на некои од паркиралиштата дека во случај на оштетување на автомобилот сопственикот ќе биде обесштетен, при што на некои паркинзи има 24-часовен видеонадзор, а на некои воопшто нема безбедносни камери. Згора на сè, во делови од Дебар Маало сè уште има улици на кои не е расчистено кој стопанисува со паркингот, односно кому треба да му се плати.
Иако изминуваат речиси 10 години откако функционира зонското паркирање и иако никнуваат катни гаражи како печурки по дожд, паркирањето сè уште е еден од најголемите проблеми со кои секојдневно се соочуваат граѓаните. Проблеми имаат и тие што стопанисуваат со паркинзите, а ги има неколку.
Колку управувачи, толку политики
ЈП „Градски паркинг“, ЈП „Паркинзи на Општина Центар“ и Акционерско друштво за изградба и стопанисување со станбен и деловен простор (АДССДП) стопанисуваат со најголем број паркиралиштата, кои се од неколку типа. Секој од нив има своја политика за паркирањето. И во однос на цените, и во однос на стратегијата за управување со паркинг-просторите, а се разликуваат и во однос на инфраструктурата, бидејќи соодветните закони им го дозволуваат тоа. Законски, тоа го дозволуваат и Законот за локална самоуправа, Законот за Град Скопје, како и Законот за јавни претпријатија.
Меѓу другото, во нив стои дека Град Скопје и општините имаат право „на изградба, одржување и користење на јавни паркиралишта од значење за градот Скопје, утврдени со урбанистички план“, како и дека „општините и градот Скопје основаат јавни претпријатија под услови и начин утврдени со закон“.
Во делови од Дебар Маало сè уште постојат места каде што паркинзите се преклопуваат. Поточно, за една зона за паркирање се плаќа, на пример, на ЈП „ПОЦ“, а може да налета пајак на „Градски паркинг“ доколку паркирањето не е уредно платено. Со таква ситуација се соочил Даниел Николовски од Аеродром.
Договорил службен состанок во кафуле во Дебар Маало. Се паркирал на зонски паркинг обележан од „ПОЦ“ и пратил СМС-порака за да плати за услугата. Кога завршил со состанокот и тргнал накај паркингот, автомобилот не бил таму.