Контроверзниот германски филм „Citizen Vigilante“, во кој главната улога ја толкува Арми Хамер, доживеа неочекуван пораст на гледаноста и обезбеди светска дистрибуција, откако беше промовиран од технолошкиот милијардер Илон Маск.
Филмот, во режија на Уве Бол, претходно не доби одобрение од германските цензори, кои оценија дека содржината може да поттикне насилство против мигрантите.
Трилерот, кој беше бесплатно достапен на профилот на Маск на социјалната мрежа Икс од минатиот четврток до недела, значително ја зголеми својата популарност. Според американските медиуми, компанијата „Quiver Distribution“, која го објави филмот во САД на 19 јуни, во меѓувреме ги откупила и светските права за дистрибуција.
„Citizen Vigilante 2 ќе биде уште подобар“, напиша Маск на Икс.
Режисерот Уве Бол тврди дека германското регулаторно тело за филмови намерно го цензурирало неговото остварување. Според него, жалбата против одлуката била одбиена со образложение дека филмот поттикнува насилство врз мигранти.
Во филмот, Арми Хамер игра американски бизнисмен кој во неименувана европска држава спроведува крвава одмазда против криминалци со мигрантско потекло.
Филмот, сепак, доби остри критики од дел од филмските критичари. Критичарот на „Варајети“, Тод Гилкрист, го оцени како „насилен, некохерентен и морално проблематичен“.
Дополнителни контроверзии предизвика и ангажманот на Арми Хамер, кому ова му е обид за враќање на филмската сцена по обвинувањата за сексуално и физичко насилство од 2021 година, кои актерот ги негираше.