Илон Маск доживеа правен удар во спорот околу старите заштитни знаци на Twitter, откако федерален суд во Делавер оцени дека компанијата X најверојатно се откажала од правата врз препознатливото лого со сината птица и зборот „твит“.
Спорот се води меѓу компанијата X и стартапот „Operation Bluebird“, кој се обидува да изгради сопствена социјална мрежа користејќи дел од напуштениот бренд на Twitter. Стартапот првично бил лансиран под името „Twitter.now“, но судот забранил користење на тој назив и застанал на страната на X.
Сепак, судот утврдил дека X најверојатно повеќе не ги користи два други заштитни знака – зборот „tweet“, односно „твит“, и препознатливото лого со сината птица. Стартапот ја искористил оваа правна можност и во меѓувреме го преименувал својот сајт во „Tweet.app“, кој веќе е отворен за јавноста.
Компанијата од Вирџинија не крие дека нејзината идеја е да ги преземе старите брендови што Маск ги напушти по преземањето на Twitter и неговото преименување во X. На почетната страница на стартапот дури стои дека целта е да се „собере она што Илон Маск го испуштил“, откако ја преименувал мрежата и го отстранил препознатливиот симбол на птицата.
На чело на проектот се адвокатите Мајкл Пероф, кој е основач, и Стивен Коутс, поранешен адвокат за заштитни знаци во Twitter. Нивното правно искуство предизвика сомнежи кај дел од аналитичарите дека главната цел на стартапот можеби не е создавање нова социјална мрежа, туку стекнување вредни права врз старите заштитни знаци.
„Tweet.app“ сепак веќе работи и ги прима првите корисници. Од компанијата велат дека пред официјалното отворање повеќе од 172.000 луѓе се пријавиле за резервирање корисничко име. За резервацијата се наплаќаат 20 долари, што, според проценките, може да помогне во покривањето на значителните правни трошоци.
Одлуката на судот сè уште не е конечна. Окружниот судија Колм Ф. Коноли донел делумна привремена одлука – го прифатил барањето на X да биде блокирано користењето на осум заштитни знаци поврзани со името Twitter, но одбил да воведе забрана за зборот „tweet“ и логото со птицата.
Во образложението, судијата навел дека постои веројатност X трајно да престанал да ги користи овие симболи и дека нема намера повторно да ги користи.
Судскиот процес продолжува, а во следната фаза треба конечно да се утврди дали X сè уште има права врз некој дел од стариот бренд на Twitter.
„Го задржаа зборот. Ја пуштија птицата и го пуштија твитот“, изјавил Коутс. Тој додал дека „твит“ никогаш не бил само корпоративен поим, туку збор што јавноста продолжила да го користи и покрај обидите на компанијата да го замени со нова терминологија.