Лицата кои ја достигнале возраста за пензионирање, но им недостигаат години работен стаж, би добиле можност да го надополнат потребниот стаж со дополнителна уплата. Според предложеното решение, ќе може да се откупат најмногу 24 месеци, односно доволно за да се достигне законскиот минимум од 15 години стаж.
Правото би го имале лицата кои повеќе не се осигуреници, имаат најмалку 13 години работен стаж и ја достигнале возраста за пензионирање – 62 години за жени и 64 години за мажи.
Со предложената мерка, оние на кои им недостигаат до две години стаж ќе можат самите да ги уплатат потребните придонеси. „Максимумот е 24 месеци до 15 години, односно минимум треба да имаат 13 години стаж. Ќе можат да го откупат својот стаж, односно да платат за истиот“, се наведува во образложението на решението, кое сè уште е во владина процедура.
Висината на придонесите за месеците што ќе се откупуваат ќе се пресметува според основица од 50 проценти од просечната плата во претходната година. За лицата кои ќе го користат правото во 2026 година, како основа ќе се зема половина од просечната плата остварена во 2025 година.
Доколку се земе предвид дека просечната плата во 2025 година била нешто над 45.000 денари, придонесот за пензиско осигурување би бил околу 12.800 денари месечно. Половина од таа сума е околу 6.400 денари, односно нешто над 100 евра за еден месец стаж.
Тоа значи дека за една година дополнителен стаж би бил потребен износ од околу 1.200 евра, додека за максималните две години би требало да се издвојат околу 2.400 евра.