Светската кошаркарска федерација (ФИБА) поведе истрага против Македонската кошаркарска федерација поради националистичките скандирања што се случија за време на натпреварот меѓу Македонија и Романија, кој се одигра во саботата во Куманово.
Како што соопштија од ФИБА, во моментот се прибираат сите релевантни извештаи поврзани со инцидентот, а федерацијата е во постојана комуникација со националните кошаркарски тела, локалните институции и органите за спроведување на законот.
Неприфатливото однесување на дел од публиката беше остро осудено од страна на Македонската кошаркарска федерација, Министерството за спорт, како и од политичките претставници во земјата. Министерството за внатрешни работи, пак, веќе презема мерки за идентификација и санкционирање на сторителите.