Отворањето на најголемиот народен фестивал во Германија, Октоберфест, денеска е одложено поради сериозен инцидент во северниот дел на Минхен. Таму, во куќа во која биле пронајдени експлозивни направи, избувнал пожар под сè уште неразјаснети околности.
Баварската полиција соопшти дека се испитува дали случајот има врска со Октоберфест и другите локации во градот, вклучително и Терезиенвизе, каде што традиционално се одржува фестивалот.
„Поради можната поврзаност, отворањето за јавноста е одложено“, објавија властите преку платформата X.
Големата полициска операција започна во округот Лерхенау, откако во куќата зафатена од пламенот беа пронајдени експлозивни направи. На местото на настанот е лоцирано и едно лице кое починало од здобиени повреди, но засега не се прецизира за какви.
Очевидци за германските медиуми изјавиле дека ги разбудиле звуци налик на истрели, додека пожарот се ширел. Според весникот „Билд“, загинатиот бил маж кој поставил експлозивни направи во домот на своите родители и потоа си го одзел животот. Медиумите тврдат дека тој оставил порака во која наведува дека поставил бомба на Октоберфест.