Американскиот сенатор Крис Марфи предупреди дека глобалната економија би се соочила со сериозни последици доколку дојде до блокада на Суецкиот канал, особено во услови на веќе нарушени енергетски текови.
Тој во објава на социјалните мрежи посочи дека актуелната состојба веќе има негативни ефекти врз светската економија.
„Глобалната економија се топи бидејќи Иран го затвори Ормутскиот теснец“, изјави Марфи.
Сенаторот нагласи дека ситуацијата може дополнително да се влоши доколку се отвори ново жариште на поморските линии.
„Замислете колку ќе биде полошо ако иранскиот сојузник, Хутите, ефективно го затворат Суецкиот канал“, изјави Марфи.
Суецкиот канал претставува една од најважните светски поморски рути, поврзувајќи го Средоземното и Црвеното Море и овозможувајќи најкратка врска меѓу Азија и Европа.
Преку каналот се одвива околу 15 проценти од светската трговија, како и значителен дел од глобалниот контејнерски транспорт, што дополнително ја нагласува неговата стратешка важност во услови на зголемени геополитички тензии.