Претседателот на СДСМ, д-р Венко Филипче, на денешната прес-конференција во Собранието порача дека здравјето на граѓаните во Крива Паланка мора да остане приоритет и не смее да биде загрозено поради, како што рече, бизнис интереси поврзани со власта, стои соопштението на СДСМ.
Тој истакна дека СДСМ останува на ставот дека јавниот интерес е над секој економски интерес и дека граѓаните имаат право да бидат целосно информирани за проектот поврзан со рудникот во кривопаланечкиот регион, наведувајќи дека еден од потписниците на договорите е донатор на ВМРО-ДПМНЕ, стои во соопштението.
Филипче оцени дека постојат двојни стандарди во однос на транспарентноста и побара јасни објаснувања од надлежните, особено од локалната власт, за сите аспекти на проектот, стои во соопштението.
„Нема да дозволиме здравјето на граѓаните да биде загрозено поради бизнис интересите на оваа власт. Граѓаните мора да ја знаат вистината. Дали треба да се дозволи ваков рудник без да се прашаат жителите? Локалната власт има обврска да ги консултира граѓаните, без разлика од која политичка партија доаѓа“, порача Филипче.
Тој додаде дека одлуките од ваков тип мора да бидат донесени со учество на јавноста и нагласи дека економскиот интерес не смее да биде ставен пред здравјето на луѓето, особено кога, како што рече, постојат сомнежи за поврзаност со бизнис интереси на власта, стои во соопштението.