Ексдржавниот правобранител, сега адвокат, Фехми Стафа, со спогодба со Обвинителството за гонење организиран криминал и корупција, призна вина дека примал пари за противзаконито влијание врз судија, по што доби казна затвор од една година и три месеци.
Според пресудата донесена врз основа на спогодба, Стафа во периодот од октомври до декември 2025 година примил вкупно 50.000 евра од бизнисмен, со ветување дека ќе посредува кај судија во Апелациониот суд за да се укине или ублажи мерка притвор во конкретен предмет.
Обвинетиот побарал вкупно 100.000 евра за ваквата „услуга“, при што прво биле исплатени 30.000 евра преку посредник, а потоа лично примил уште 20.000 евра, по што бил фатен од полициски службеници со парите.
Во спогодбата, Стафа признал дека го искористил своето реално влијание за да интервенира кај судија, со цел да се изврши службено дејствие што не смеело да се изврши – укинување или замена на мерка притвор за осомничено лице.
Судот го огласил за виновен за кривичното дело „примање награда за противзаконито влијание“, по што му изрекол казна затвор од една година и три месеци, во која се засметува и времето поминато во притвор.
Дополнително, Стафа е задолжен да плати судски паушал од 8.000 денари, како и 30.000 денари трошоци за постапката. Судот донел и одлука за одземање на два мобилни телефони кои биле користени во случајот.
Во рамки на спогодбата, обвинетиот и обвинителството се откажале од правото на жалба, што значи дека пресудата е конечна веднаш по нејзиното донесување.
Случајот го водеше Обвинителството за организиран криминал и корупција, а судот оцени дека има доволно докази за вината и дека предложената санкција е соодветна, по што ја прифати спогодбата и донесе пресуда без понатамошна постапка.