Канадскиот премиер Марк Карни изјави дека Вашингтон не поставува услови во тековните трговски преговори, отфрлајќи ги тврдењата дека Канада мора да прави отстапки за да обезбеди место на преговарачката маса. Карни нагласи дека двете страни работат на решавање на „трговските тензии“ пред обновените преговори за договорот меѓу Канада, САД и Мексико (CUSMA), пишува Anadolu.
„Не станува збор за тоа САД да ни диктираат услови“, изјави Карни пред новинарите во Отава. „Пред нас се преговори и можеме да постигнеме заемно корисен исход. Тоа ќе потрае, и ќе си земеме онолку време колку што е потребно“, додаде тој.
Карни наведе дека двете земји ги утврдиле спорните точки пред очекуваните разговори за CUSMA, истакнувајќи дека такви прашања постојат и од двете страни.
„Јасно ни е што Американците сметаат за спорни точки. И ние имаме свои. Добро сме подготвени“, рече тој.
Тој истакна и дека Канада веќе доставила „одредени контрапредлози“ со кои американската страна е запознаена.
„Доаѓа време кога навистина ќе треба да се зафатиме со работа“, порача Карни.
Од друга страна, канадските медиуми наведуваат дека администрацијата на Доналд Трамп бара низа отстапки од Отава уште пред да започнат формалните преговори. Поранешниот премиер на Квебек, Жан Шаре изјави дека Трамп сака „повеќе отстапки уште пред да седнеме на преговарачка маса“.
Канадски извори тврдат дека Отава веќе двапати понудила отстапки на Вашингтон, без да добие ништо за возврат.