Директорот на Дирекцијата за заштита и спасување (ДЗС), Стојанче Ангелов, денеска соопшти дека Македонија годинава влегува значително поподготвена во сезоната на пожари. Според неговите најави, до јуни државата ќе располага со три функционални „ер-трактори“ и пет обучени пилоти.
„Во овој момент дирекцијата има пет пилоти на ер-трактори кои се подготвени за дејство во престрет на сезоната на шумски пожари. Трите ер-трактори во текот на мајќе бидат вратени од сервис. Еден авион е функционален, додека другите два се на сервис во Загреб и очекуваме да бидат вратени најдоцна во мај. Истовремено трагам и по дополнителен број на пилоти на ер-трактори. Исто така од минатата година на располагање на агенцијата се 43 специјални возила пренаменети, претходно воени и полициски возила и тоа 23 пинсгаури 15 БТР-80 со моќни водни топови со дометот околу 100 метри како и 5 хермелини кои што ги користиме и за влечење на цистерни од 4 до 8 тона во зависност од нашите потреби. Истовремено и од локалните капацитети во некои делови од државата се зајакнати со нови возила, а на неколку места се донесени и возила како донација можеби не нови, малку користени, но во одлична форма, во одлична кондиција. Исто така би спомнал дека и некои од доброволните противпожарни друштва како што е Доброволното друштво во Кочани се со значително зајакнати капацитети и можеме ова лето да сметаме и на нив односно нивните капацитети.“, изјави Ангелов пред почетокот на меѓународната конференција за проектот „Forest Fire Struga-FFS“.
Тој нагласи дека земјата научила многу од минатите искуства и дека регионалната соработка со Грција, Албанија и Бугарија е клучна, бидејќи шумските пожари не познаваат граници.