Алкарас под знак прашање за Ролан Гарос: повредата може да трае со месеци
Повредата на Карлос Алкарас предизвикува сериозна загриженост пред претстојниот турнир Ролан Гарос, а најновите процени укажуваат дека закрепнувањето може да трае многу подолго од очекуваното.Шпанскиот тенисер веќе се повлече од турнирите во Барселона и Мадрид поради повреда на рачниот зглоб, додека неговото учество во Рим е речиси исклучено. Под знак прашање останува и настапот во Париз, што и самиот Алкарас го потврди.Иако сè уште нема официјална дијагноза, специјалистот за повреди на шака, доктор Марк Жувенспан, предупредува дека можните сценарија не се воопшто безопасни. Според него, постои сомнеж за воспаление на тетива или повреда на лигамент во зглобот – состојби што можат сериозно да влијаат врз играта на тенисерите.„Со зглобот нема гаранции. Може да се санира со терапија, но може и да трае многу подолго од очекуваното“, изјави тој, посочувајќи дека закрепнувањето кај ваквите повреди е непредвидливо.Докторот додава дека ваквите состојби често се измамни – почнуваат со болка, но подоцна може да остане постојана непријатност која трае подолг период.Проценките не се охрабрувачки, бидејќи закрепнувањето може да заврши за неколку недели, но во полош случај да се одолговлечи и повеќе од шест месеци, што остава неизвесност околу настапот на Алкарас на престижниот турнир во Париз.
Спорт | пред 14 часа