(Видео) Остри критики за филмот ‘Мајкл’: BBC го нарече кандидат за Златна малина
BBC го критикува новиот биографски филм „Мајкл“ за Мајкл Џексон, во кој глуми неговиот внук Џафар Џексон, оценувајќи го како безличен и драматично празен приказ на животот на пејачот, кој ги изоставува клучните контроверзии и се фокусира на идеализиран портрет.„Лош е. Лош е. Навистина, навистина е лош“, пишува критичарот на BBC за новиот биографски филм „Мајкл“ (Michael), продуциран од негови бројни роднини и блиски соработници. Никој, наведува BBC, не очекувал остар портрет на оваа ѕвезда, но изненадува што е направен толку безличен и едвај компетентен филм, налик на телевизиска програма од дневен формат.Хронолошкото прикажување на периодот од групата Jackson 5 и подоцнежниот соло успех на Џексон запира во средината на 1980-тите — пред обвинувањата за злоупотреба на деца (за кои беше ослободен по сите точки), со што од приказната се отстранува сè што би можело да се смета за спорно, но и сè што би било драматично.Она што останува се сцени во кои луѓе од музичката индустрија му зборуваат на Џексон колку е талентиран, како и неговиот строг татко (Колман Доминго, речиси непрепознатлив под протетичка шминка), кој се појавува со заканувачки тон: „Сети се на своето семејство, Мајкл!“BBC оценува дека, без оглед на мислењата за Џексон, тој бил воден од желба да создава спектакуларна и иновативна забава — нешто што филмот не успева да го долови.Неговата улога ја толкува неговиот внук Џафар Џексон, кој, според критиката, веројатно е избран поради физичката сличност, а не поради актерските способности. Во филмот, ликот често се прикажува како насмеан во различни ситуации — од семејни моменти до посети во болници и приватни активности.Во споредба со споредните ликови, сепак, Џексон останува најинтересниот карактер. Мајлс Телер ја игра улогата на адвокатот Џон Бранка, додека браќата на Џексон се маргинализирани, а неговата сестра Џенет Џексон воопшто не се појавува во филмот.Главен продуцент е Греам Кинг, познат по филмот „Bohemian Rhapsody“, кој освои четири Оскари. Но, според BBC, „Мајкл“ е многу поверојатен кандидат за „Златна малина“.Критиката заклучува дека дијалогот е површен, а визуелниот стил безличен до степен што дури и реконструкциите на легендарните спотови и концерти делуваат здодевно. Филмот, замислен како омаж на Мајкл Џексон како личност, според BBC, претставува сериозна навреда за него како уметник.
Магазин | пред 12 часа