Рубио: „Иран сака нуклеарно оружје“ – Вашингтон тврди дека ударот бил „последната најдобра шанса“
Американскиот шеф на дипломатијата Марко Рубио се огласи со порака во која објаснува зошто Соединетите Држави „токму сега“ извеле напад врз Иран. Во неговото образложение, централно место има тврдењето дека Техеран има намера да развие нуклеарно оружје и дека времето за спречување на такво сценарио, според Вашингтон, се стеснувало.Рубио наведува дека, доколку Иран навистина целел исклучиво кон цивилна нуклеарна енергија, би можел да увезува гориво и да гради реактори „над земја“, како што прават и други држави. Наместо тоа, тврди тој, објектите биле подигнувани „длабоко во планините“ и подалеку од јавниот надзор, додека Иран инсистирал на збогатување материјал што може да се искористи и за енергија и за изработка на нуклеарно оружје.Во продолжение, Рубио оценува дека Техеран ги одбивал сите модели кои би му овозможиле цивилна нуклеарна програма без воена компонента. Според него, на Иран му биле понудени можности да има „нуклеарна програма за енергија, а не за оружје“, но тие предлози, како што вели, биле одбивани.Клучниот аргумент за тајмингот на нападот, според Рубио, е проценката дека Иран се обидувал да изгради „конвенционален штит“ – масовен арсенал од проектили и беспилотни летала – со кој би станал практично недопирлив за надворешен воен притисок. Тој тврди дека Иран бил „на праг“ да создаде толку силна одбрана што секоја идна акција против неговата нуклеарна програма би станала невозможна, што, според него, било „неприфатлив ризик“.Рубио дополнително нагласува дека држава „управувана од радикални шиитски клирици со апокалиптична визија за иднината“ не смее да поседува нуклеарно оружје. Оттука, тој ја оценува американската операција како „последна најдобра шанса“ да се уништи одбранбениот капацитет што, според Вашингтон, му овозможувал на Иран да се заштити додека напредува со чувствителните делови од програмата.На крајот, Рубио наведува дека целта на операцијата е да се уништат иранските проектили и програмата за дронови, за Техеран повеќе да не може да се „крие“ зад тој воен штит и да биде принуден на сериозни преговори, со крајна цел – Иран никогаш да не дојде до нуклеарно оружје.
Свет | пред 4 часа