Јавните обвинители со предупредување до Уставниот суд: Во прашање е самостојноста на Обвинителството
Јавните обвинители реагираа по вчерашната расправа во Уставниот суд, предупредувајќи дека одлуката околу Законот за изменување на Законот за платите на јавните обвинители може сериозно да ја загрози уставно гарантираната самостојност на Јавното обвинителство.Во реакцијата се наведува дека поделеното гласање на уставните судии, кои не успеале да заземат став дали да се поведе постапка за оценување на законските измени, предизвикува сериозна загриженост кај обвинителите, но и во пошироката јавност. Според нив, на тој начин за првпат се доведува во прашање позицијата на Јавното обвинителство како институција со посебен уставен статус.Обвинителите потсетуваат дека Уставот го дефинира Јавното обвинителство како самостоен државен орган чија задача е независно кривично гонење, вклучително и во случаи кога предмет на постапка можат да бидат носители на функции од другите власти.Според нив, принципот на самостојност произлегува од потребата за независност на обвинителската функција и затоа е несфатливо, како што наведуваат, дел од уставните судии да сметаат дека таа независност не е составен дел од институцијата. Во реакцијата се нагласува дека постојат законски и институционални механизми што ја гарантираат автономијата на обвинителите, меѓу кои и Советот на јавни обвинители.Јавните обвинители предупредуваат дека дозволување директно влијание од извршната власт врз обвинителството, преку измените на Законот за платите, може да се прошири и на други сегменти од неговото функционирање и да доведе до нарушување на позицијата на институцијата во системот на поделба на власта.Во реакцијата се повикуваат и на меѓународните стандарди. Во прирачникот на Канцеларијата на Обединетите нации за дрога и криминал се наведува дека јавните обвинители треба да имаат соодветни услови за работа и надоместок кој ја одразува важноста на нивната функција, а нивните плати не треба произволно да се намалуваат.Слични принципи се содржани и во мислењата на Консултативниот совет на европските јавни обвинители и во препораките на Венецијанската комисија, каде се нагласува дека соодветниот надомест е важен за ефикасен и праведен систем на кривична правда и за намалување на ризикот од корупција.Обвинителите предупредуваат дека доколку Уставниот суд не ја заштити институционалната самостојност на обвинителството, ќе бидат принудени да реагираат и пред релевантните меѓународни организации поради, како што наведуваат, нарушување на демократските стандарди и принципот на поделба на власта.
Македонија | пред 2 седмици