Промени тема
За нас
„Претрес“ на Жерновски: Поскапувања, политиката, лицемерието, Филипче, СДСМ...
„Претрес“ на Жерновски: Поскапувања, политиката, лицемерието, Филипче, СДСМ...

ПРЕТСЕДАТЕЛ

Foto-1

Претседателката до дипломатите: ЕУ треба помалку да наредува, а повеќе да убедува

Претседателката Гордана Сиљановска-Давкова се обрати на традиционалниот годишен прием за претставниците на дипломатскиот кор, што го приреди вчеравечер во Скопје.Во своето обраќање на приемот, претседателката Сиљановска-Давкова им посака ним лично и на нивните сакани, на нивните држави и нации, на ЕУ и на европските граѓани, сè најдобро во 2025 година. Таа потенцираше дека токму тие – дипломатите ги персонифицираат значењето и моќта на традиционалната дипломатија како цивилизациски механизам што опстојува со векови, успевајќи да обединува, да гради сојузи и пријателства, да кова мир.„Лично, верувам не само во традиционалната дипломатија, туку и во културната, економската, спортската. Лично, не ја разбирам дипломатијата како „земи или остави“, туку како уметност на можното, па дури и неможното. Лично, преферирам зелени маси пред зелените војнички униформи. Лично, предност ѝ давам на битката со аргументи одошто со оружје. Лично, верувам во идејата на европското обединување како филозофија на мир“, нагласи Претсеателката.Доајенот на дипломатскиот кор, словачкиот амбасадор Хенрик Маркуш во своето обраќање на приемот им посака на присутните добро здравје, просперитет и успех во професионалниот и личен живот.Го стави доброто здравје на прво место како непроценливо и неопходно за исполнување на сите други желби.Амбасадорот Маркуш ѝ оддаде почит на претседателката Сиљановска Давкова за нејзините извонредни напори во поддршката на иницијативите за помош на онколошките пациенти и другите ранливи групи и замоли за аплауз во знак на признание.Тој истакна дека на нашата држава не ѝ е потребна инвестиција – брендирањето се наметнува само посебе бидејќи може гордо да биде позната како „најпријателската земја во светот“, која зрачи со нејзиното гостопримство, одлично вино и срдечни луѓе.Во таа насока, амбасадорот посака нашата држава ова да го пренесе во сите сфери на делување со своите меѓународни партнери, пријатели и сојузници, особено во развојот на економските врски и деловните односи со нив.Во продолжение е интегралниот текст од обраќањето на претседателката Сиљановска-Давкова.Почитуван Министер за надворешни работи и надворешна трговија, Тимчо Муцунски,Почитуван Aмбасадорe Хенрик Маркуш, доајен на дипломатскиот кор во Република Северна Македонија,Ваши екселенции,Дами и господа, наши пријатели,Денешниов собир е извонредна пригода да ви посакам сè најдобро во 2025 година, вам лично, на вашите сакани, на вашите држави и нации, на ЕУ, на европските граѓани. Вие ги персонифицирате значењето и моќта на дипломатијата, како неопходен цивилизациски механизам што ги преживеал вековите, успевајќи да обединува, да гради сојузи, па и пријателства, да кова мир. Лично, верувам не само во традиционалната дипломатија, туку и во културната, економската, спортската. Лично, не ја разбирам дипломатијата како „земи или остави“, туку како уметност на можното, па дури и неможното. Лично, преферирам зелени маси одошто зелени војнички униформи. Лично, предност ѝ давам на битката со аргументи одошто со оружје. Лично, верувам во идејата на европското обединување како филозофија на мир.Ние, како држава, рамноправна наследничка на Федеративна Југославија, веќе одбележавме 30 години од воспоставување дипломатски односи со вашите држави, но и со меѓународните организации. Тоа не е премногу долг период, но е доволен за да може да се извлечат релевантни заклучоци, но и значајни поуки, да се евалуираме, но и валоризираме самите себе, да научиме многу работи, односно лекции, но и да оценуваме односи и искуства, и да проектираме односи и активности.Благодарност до сите амбасадори со кои сум се сретнала за коректните односи, за дипломатското, но и човечко разбирање на проблемите со кои се соочуваме.Во вакви неформално-формални прилики имаме можност заедно, собрани тука, помалку дипломатски да зборуваме за дипломатијата, свесни за нејзиното значење и важност во ова време-невреме, на ум ми доаѓаат мисли од „Збогум оружје“ и „За кого бијат камбаните“ на Хемингвеј, гледајќи слики што ме потсетуваат на „Герника“ на Пикасо или на стиховите на Лорка: „Мојата поезија е игра, мојот живот е игра, ама јас не сум игра“. Годинава ќе славиме осумдесет години од формирањето на ООН, како гаранција за мир и за мирно решавање на споровите, а ни се случува војна. Значи, посакувам договорот за прекин на огнот меѓу Израел и Хамас да прерасне во договор за траен мир и војната да не се повтори. Посакувам Венера, наместо Марс, да го управува светот. Ова важи за целиот Близок и Среден Исток, но и за Русија и за Украина, како и за афричкиот континент!Во мислите ми навираа основните причини за формирањето на Европската заедница: мирот меѓу Франција и Германија, европската архитектура, како мировен проект. А, во моментов војуваат европски држави: Русија и Украина. И веднаш ми се наметнува дилемата: Дали изворот е бистар или нешто го поматило? Ќе цитирам еден од татковците на Европската заедница, Жак Делор којшто мудро и пророчки ги исцрта контурите на иднината на Европа. Да, почитувани, мудрите се и визионери, тие размислуваат за она подобро што треба да дојде, а ние сме дел од тоа. И имаме должност да се навраќаме на пораките од европските татковци. Тој вели: „Наше е да ставиме месо на коските на Заедницата и, се осмелувам да предложам, да ѝ дадеме уште малку душа“. „Разновидноста на Европа ја прави неверојатно богата. Оваа различност мора да се зачува за да може да вроди со плод за општо добро“. Душата за мене се принципите и вредностите на ЕУ, филозофијата на ЕУ, метафизиката на ЕУ, јасно изразена во Преамбулата на Договорот за ЕУ и во Преамбулата на Лисабонскиот договор, но и во Повелбата за фундаменталните права!Ако сака ЕУ да биде навистина инспиративен демократски политички систем, или како што вели Сајмон Хикс „неидентификуван политички субјект“, мора повеќе да убедува, а помалку да наредува на патот на политичкото обединување на државите кои се нејзин природен дел: географски, историски, културно.Во 21 век, во време на постоење на ООН, Меѓународниот суд на правдата, Меѓународниот кривичен суд, Советот на Европа, Судот во Стразбур, ЕУ, Судот во Луксембург... хипокризија е да се повторува и да се дејствува по формулата: силните го прават тоа што можат, а слабите, тоа што мораат.ЕУ немаше стратегија за Западниот Балкан, категорија што се појави на крајот на деведесеттите, како чудна, геостратешка кованица: земјите на бивша Југославија, минус Словенија, плус Албанија, па минус Хрватска, плус Косово... движечка географија за периферијата на Европа.Како да не е научена лекцијата од крвавиот распад на Југославија, кога ЕУ доцнеше, а САД стигнуваа први.Ние како држава, како македонска нација, се препознаваме во овие тешки како камен монументални зборови на Делор и без никаков нарцизам или претерување, се сметаме себеси за онаа душа што настојуваме да ја споиме со коските на Унијата. Тоа го сакаме, тоа е нашата стратегиска цел за која напорно се бориме повеќе од 30 години.И Европската конвенција за фундаментални права како еднаква по важност и по сила на Лисабонскиот договор, од уставен карактер документ, во Преамбулата вели дека ЕУ ќе ги почитува различните култури и традиции на европските народи и на националните идентитети.Токму ова се нашите темелни принципи и јас, како претседателка на Републиката, се залагам за нивно почитување. Или сме еднакви или не сме.Повеќепати сум цитирала изјави за Европа како недовршена симфонија и би сакала да кажам во духот на музиката, оти ова “Four Seasons” ме потсетува на Вивалди, а нам музиката особено ни лежи како нација, а дипломатијата може да има и Орфеизам во себе. Македонската музика, мелосот ја обележува седумосминскиот такт, но таа е и ГАЈДАТА, сега заштитена и од УНЕСКО како светско културно наследство. А тој инструмент не е изработен од вчера, има длабоки корени во историското наследство. Тоа можеме да го дадеме и го даваме. Тоа е нашата духовна вертикала во европската и во светската дипломатија. Иако сме мала држава, сакаме да бидеме препознаени по нашите специфичности. И тоа е, сепак, нешто ново, ние ви го даваме како можност за дипломатски преговори, наоѓање компромиси, почитување на дипломатскиот такт, кој не е базиран на диктати и преседани, туку на рамноправност, принципи и фундаменти. Нашите песни, не случајно се често тажни, а ората тешки, па едно од најпознатите се вика „Тешкото“.Посакувам во 2025 да ни биде овозможено да тргнеме кон европскиот политички дом каде што географски, историски и културно сме биле и сме. Ако Западниот Балкан е „Ахилова пета“ за поетски настроените западни политичари, тогаш треба да се грижат да не биде погоден од некое оружје. Посакувам, во името на сите граѓани на крилјата на Реформската агенда да се европеизираме по мерка на Копенхашкиот модел! Балканот е природен дел на Европа, членството ќе биде моќен мотив за демократски промени во регионот, што трајно ќе овозможи крај на опасноста од дестабилизација и балканизација! Дипломатијата има особено важна улога да ги препознае негативните трендови кои се сериозен предизвик за Европа како зона на траен мир, во Кантова смисла на зборот.Значи, членството во ЕУ беше и останува врвен македонски државен интерес и приоритет. Брисел е македонската стратешка дестинација.Ама, ако правото на живот е основното човеково право, да не заборавиме. На нашиот континент уште беснее руско-украинската војна во која има многу човечки жртви, разурнувања, употреба на суперсонични оружја, дронови, користење на вештачката интелигенција во воени цели. На Блискиот Исток, исто, на прагот е примирје меѓу Израел и Хамас. Неизвесна е состојбата во Сирија. Ние од почетокот на руската воена операција застанавме на страната на Украина, мислиме дека е тоа не само заради единствената европска политика, туку принципиелно. И прашувам – што стана со меѓународното право, меѓународните организации, меѓународните судови? До кога ќе се повикуваме на Тукидит, наместо на Кант, често прашувам? Зарем не сте вие дипломатите кантовци, а не макијавелисти? Зарем не сте вие врвни промотори и бранители на мирот?Секако дека мораме да размислуваме и на нашата одбрана. Ќе потсетам на еден голем германски политичар, Хелмут Кол, којшто изјави: „Русија е најважниот сосед на Германија на Исток и тоа и ќе остане“. Мисли ли вака и Путин, се прашувам?Да ја вратиме улогата на Обединетите нации, како гарант на светскиот мир и поредок. Глобални предизвици се и климатските промени, миграциите, ревизијата на историјата, антисемитизмот... да не го повторувам она што го кажав во Њујорк: неопходни се длабоки реформи на Светската организација, којашто не смее да ја доживее судбината на Лигата на народите. ООН доби Нобелова награда за мир, а ѝ се случуваат војни!Ви посакувам проактивен дипломатски престој, успешна дипломатска година, плодна работа, заснована врз заемна почит и соработка на сите полиња!Јас, пак, имам скромни желби за: пристојна, досадна европска, правна држава, со демократски политички систем заснован на поделба на власта и ефикасни спреги и кочници; со независно судство втемелено на владеењето на правото и посветено на заштитата на човековите права, што ужива доверба кај граѓаните; почитувани малцинства и заштитени ранливи групи, општество на рамноправни граѓани, здрава животна средина, компетитивна пазарна економија; развиен граѓански сектор; силни и стабилни институции; меритократска администрација од Веберов тип, лојална на Уставот и на законите, а не на партиските патрони, одговорна власт, Уставен суд којшто ќе ги штити уставноста и законитоста и основните човекови права; објективни и одговорни медиуми, квалитетно образование во сите степени, стимулирана наука, респектирана култура, поддржуван спорт, развиен здравствен систем, социјална држава. Со една реченица: Задоволни граѓани.Уште еднаш: 2025 нека биде Ваша Нова година, онаква каква сте посакувале, година што ќе ја помните по ДОБРО!

Македонија | пред 1 година

siljanovska-davkova-2

Сиљановска-Давкова помилува седум осудени лица

Претседателката Гордана Сиљановска-Давкова, по повод новогодишните празници донесе одлука за помилување на 7 осудени лица, од кои 1 потполно, а 6 лица делумно се ослободуваат од понатамошно извршување на казната затвор.Шестемина осудени лица се помилувани во траење од 3 месеци, а едно лице 3 месеци и 4 дена, што кај него доведе до потполно ослободување од извршување на казната затвор.

Македонија | пред 1 година

ana-drulovski-vesna

Ана Друловски, Весна Петрушевска дел од Комисијата за признанија и одликувања - објавен составот

Претседателката Гордана Сиљановска-Давкова донесе одлука за составот и за именување претседател и членови на Комисијата за одликувања и признанија.За претседател на Комисијата е именуван проф. д-р Валентин Мирчески, а за членови на комисијата се именувани проф. д-р Гзиме Старова, д-р Самуел Садикарио, д-р Андријана Јаневска, м-р Ана Дурловски, м-р Решат Амети, м-р Гена Теодосиевска, Дејан Георгиевски, Жарко Башески, Оливера Наковска Бикова и Весна Петрушевска.Комисијата за одликувања и признанија ја сочинуваат поединци кои во текот на својата професионална кариера имаат остварено значајни постигнувања и стекнато висока репутација во македонското општество. Тие се признати експерти, кои со своите трудови и постигнувања се истакнале во различни области на општествениот живот како што се науката, културата, уметноста, образованието, здравството, спортот.

Македонија | пред 1 година

siljanovska-g-g-stefan

11 века подоцна, не можеме, а да не забележиме дека вредностите и навиките всадени од Св. Климент исчезнуваат пред нашите очи, вели Сиљановска

„Ако животот на човекот го вреднуваме по она што ќе остане по него и преку трајноста на неговото дело – тогаш, навистина, големо е делото на светиот Климент. Зашто, еве, и по 11 столетија сѐ уште трае... неговото дело кое е од сеопшт, универзален карактер – и од религиозен, христијански аспект, и од културен и научен поглед.“ Со овие зборови, неодамна упокоениот митрополит дебарско-кичевски, господин Тимотеј ни го приближи најголемиот ученик на Св. Кирил и Методиј“, вели претседателката Гордана Сиљановска-Давкова и додава:Знаеме дека по Моравската мисија, Св. Климент се вратил на Балканот, и бил испратен во нашите краишта, во областа Кутмичевица, најпрво како мисионер и учител, а потоа и како прв словенски епископ. Тука Св. Климент затекнал народ којшто тонел во незнаење и во сиромаштија, и којшто се раководел според законот на посилниот наместо според златното правило.Соочен со ваквата состојба, Св. Климент, не им дал сон на очите свои, ниту дремка на трепките свои, и грижата за народот ја сметал за своја храна и наслада. И секогаш поучувал, и секогаш поставувал ред, исправајќи го незнаењето и за сите станувал сѐ, според потребата на секого.За само три децении, Св. Климент, заедно со Св. Наум Охридски, успеал да ја трансформира заостанатата периферија во развиен центар на писменоста, духовноста, културата и уметноста. Од Охридската книжевна школа произлегле 3 500 ученици кои станале учители на словенството. Неговите манастири станале чувари на временскиот и просторниот континуитет на македонскиот јазик. Еден век подоцна, самиот Охрид бил издигнат на ранг на архиепископија што се грижела за духовните и за световните потреби на луѓето. Многу од нејзините архиепископи биле врвни мислители, градители, дипломати, миротворци, чијшто глас се слушал и почитувал низ целата православна екумена.Но, веројатно најголемото дело на Св. Климент е духовното и етичко воздигнување на народот. Со своите слова и поуки, тој настојувал да изгради нов човек, со нови, благородни навики. Речиси и да нема Светиклиментова проповед без повик за одговорно однесување кон ближните коишто страдаат. Неговата цел била да им помогне на луѓето да станат свесни не само за своите, туку и за потребите и страдањата на другите.Еве што вели Св. Климент во едно од неговите слова: „Престанете да правите зло и научете се да правите добро, барајте правда и спасувајте угнетени; право судете и заштитувајте ги сираците и вдовиците“. Оти тоа е вистинското покајание, кога ќе замразиме секаква неправда и ќе ја направиме одвратна за нас...“Ова е само еден од многуте библиски цитати што Св. Климент ги користи за да ги соочи слушателите со библиската осуда на социјалната неправда кон ранливите категории, нешто што им е заедничко на сите Абрахамски религии. И ние денес, независно дали сме христијани, муслимани, Евреи, атеисти, независно дали сме Македонци, Албанци, Турци, Срби, Власи, Роми, Бошњаци и други, треба да сме подеднакво сплотени околу овие Светиклиментови заложби и да им помогнеме на современите ранливи категории, на социјалните случаи, на бездомниците, на бегалците, на жртвите на семејно насилство, на непријавените работници.Св. Климент го практикувал она што го проповедал. Не случајно охридскиот архиепископ Теофилакт пишува дека Св. Климент бил „татко на сираците и помошник на вдовиците“, држејќи ги портите на неговиот дом „отворени за секој сиромав и ниеден туѓинец не ноќеваше надвор од нив“. Благодарение на неговите заложби се отворале народни кујни, сиропиталишта, старечки домови, болници за телото и за душата, односно, она што денес го нарекуваме социјална и здравствена заштита.Со своите слова, поуки, житија, но пред сѐ, со својот личен пример, Св. Климент кај народот го кастрел себичното ЈАС и МОЕ, и го калемел благонаклонетото НИЕ и НАШЕ. Кај луѓето ја развивал свеста дека се упатени едни на други да си помагаат, да бидат праведни и солидарни. Со тоа, Св. Климент на народот му дал духовен и етички компас за да може полесно да се ориентира низ столетијата во кои се менувале царства, власти и системи, и да опстане низ годините на пропаганди, конфликти и поделби.Со овие универзални, хумани вредности може да се поистоветат не само христијаните, туку и припадниците на другите религии.Не случајно, Св. Климент Охридски станал најголемиот духовен авторитет не само за нашата помесна православна црква, туку и за македонската секуларна држава и за македонското мултиетничко и мултирелигиско општество.Не случајно токму од Македонија потекнуваат најголем дел од старите фрески и икони со неговиот лик.Не случајно, Св. Климент бил инспирација за македонските преродбеници и учебникари и опсесија на генерации историчари, лингвисти, слависти и македонисти коишто му посветиле илјадници книжевни и научни дела.Не случајно, тој е патрон на повеќе основни и средни училишта, на факултети, библиотеки и на еден државен универзитет.Повеќе од други соседни народи, токму македонскиот народ му го должи своето постоење и опстојување на Св. Климент Охридски.Сепак, 11 века подоцна, не можеме, а да не забележиме дека вредностите и навиките всадени од Св. Климент исчезнуваат пред нашите очи. Живееме во време на нарушени меѓучовечки односи. Наместо хуманост и дарежливост, сè пораширена е опседнатоста со парите, статусот и себељубието како цели што ги оправдуваат сите средства. Ова е време во кое чесните се игнорирани додека аздисаните се имитирани. Во Европа сме меѓу последните според нивото на волонтерство и на граѓански активизам. Како што корупцијата го загрозува владеењето на правото, така експлоатацијата ги загадува почвите, водите и воздухот. Сведоци сме на повеќедецениска трка за узурпирање на јавниот простор и присвојување на општото добро. И сето тоа на штета на иднината на младите генерации. Доволно е да се сетиме на загрозеното природно и културно наследство на охридскиот регион на УНЕСКО, кој беше центар на Светиклиментовата духовна и просветителска дејност.Овие состојби не се сегашни, туку нѐ следат со години и со децении. Но, сега добиваат алармантни пропорции. Причините не треба да ги бараме само кај нас. Блокадите и билатерализацијата на европската интеграција нè заглави во оваа европска периферија наречена чудно Западен Балкан, од која масовно се иселуваат нашите млади.На некој начин, како да се враќаме во предклиментовото време и како забрзано да се претвораме во општество во кое хуманото НИЕ и НАШЕ е потиснато од себичното ЈАС и МОЕ.Ценети присутни, драги сограѓани,Пред нас е големата задача оваа наша периферија одново да ја претвориме во центар на образованието, економијата, културата и уметноста, на иновативноста и креативноста. Ние мора напорно и пожртвувано да работиме на секое поле, да ја развиваме економијата, да го обезбедиме владеењето на правото, да изградиме функционални системи и институции. Но, за сите овие напори да фатат корен и да дадат плод, треба одново да се навратиме на вонвременските Светиклиментови пораки.Иако се напишани со архаичен јазик, неговите слова зборуваат за актуелни теми. За правдата наспроти неправдата и за солидарноста наспроти себичноста.Првата вредност е правдата. Светиклиментовата правда не е ограничена само на дословно почитување на државните закони. Праведни не се оние што не прекршиле ниту еден државен закон, туку оние што, почитувајќи ги законите, истовремено со своите животи ја изградуваат и ја зацврстуваат заедницата. Светиклиментовата правда е и социјална правда бидејќи е насочена кон заштита на немоќните, помагање на сиромашните и возобновување на достоинството на секој човек. Праведно општество е она во кое поединецот активно придонесува за општото добро и за јавниот интерес, и е вмрежен во заедница на хармонични меѓусебни односи.Втората вредност е солидарноста, која не е минлива емоција, туку практична доблест и применлива политика. Да бидеме солидарни значи да бидеме човечни, односно, свесни за потребите и за страдањата на другите. Светиклиментовата солидарност не е сведена само на економска редистрибуција, туку вклучува и соодветно споделување на моќта и одговорноста во заедницата и општеството. Успехот на секој поединец е успех и на целата заедница, а неуспехот на макар и еден поединец, на еден ученик, на еден работник, на едно семејство, е неуспех на целото општество. Солидарноста е мултиетничка, мултијазична, мултирелигиска бидејќи го препознава човечкото во различниот од нас. Без меѓуетничка солидарност нема меѓуетнички соживот.Почитувани присутни,Драги сограѓани,Денешниов празник е повод да се сетиме дека не треба да чекаме да дојде некој нов Св. Климент бидејќи тој живее во нас. Но, треба да го разбудиме Светиклиментовото во секој од нас. Ние, учителите, лидерите, треба одново да станеме Светиклиментови ученици за да се потсетиме на неговата животна филозофија и да ја пренесеме на нашите ученици. Со тоа ќе им овозможиме и самите да станат учители и лидери на сегашните и на идните генерации. Да им помогнеме да напредуваат и да успеваат само со своите знаења, вештини и квалитети, а не со врски, книшки и протекции.Ако сакаме македонското општество да биде праведно и солидарно, а Македонија да ја направиме пристојно место за живеење, ние мора да се навратиме на вредностите на Св. Климент Охридски. Верувам дека само така ќе можеме да се наречеме вистински наследници на нашиот голем учител, светител и просветител, Св. Климент Охридски.

Македонија | пред 1 година

notredame12-828x435

Трамп оди во Париз, а можно е и Сиљановска: ќе се отвора катедралата Нотр Дам

Новоизбраниот американски претседател Доналд Трамп најави дека во сабота ќе отпатува во Париз за да присуствува на повторното отворање на катедралата Нотр Дам, која беше тешко оштетена од пожар пред повеќе од пет години, што ќе биде негово прво патување во странство по победата на изборите. пренесува Јуронујз.Трамп ја пофали работата на францускиот претседател Емануел Макрон за реставрација на катедралата на социјалната мрежа „Truth Social“, објави Ројтерс.„Претседателот Емануел Макрон направи одлична работа за враќање на Нотр Дам во нејзиниот целосен сјај, па дури и пошироко. Тоа ќе биде многу посебен ден за сите“, напиша Трамп.Нотр Дам повторно ќе биде отворен за туристите и верниците на крајот на оваа недела.Покана за отворањето на катедралата има и македонската претседателка, Гордана Сиљановска-Давкова. На брифинг со новинарите рече дека се уште размислува дали да присуствува. Но и покрај ова, се очекува таа да отпатува за Париз.

Свет | пред 1 година

Foto-11

„Не можам да гарантирам дека ќе има уставни измени, да не правиме преседани бидејќи билатеризација ќе одложи преговори со ЕУ“, им порача Сиљановска

Претседателката Гордана Сиљановска Давкова денеска во Цетиње со највисоки државни и воени почести беше пречекана од претседателот на Црна Гора, Јаков Милатовиќ, по што се одржа тет-а-тет средба меѓу двајцата претседатели, пленарен состанок на делегациите на двете држави и заедничка прес-конференција на претседателите.„Прво, на претседателот, господинот Милатовиќ, на неговиот тим, на новинарите, на сите присутни им благодарам за исклучително топлото добредојде. Убаво е да се гледаат двете знамиња по патот, убаво е да се гледа прекрасното Цетиње, симбол на државната црногорска традиција, накитено со овие знамиња оти понекогаш знамињата повеќе кажуваат од зборовите.Зошто прва посета во Црна Гора? Логично беше да се дојде прво овде, бидејќи Црна Гора во моментов е предводникот на реунификацијата, како велам јас или реинтеграцијата на регионот таму каде што и е вистинското место - во Европската Унија. Зошто? - Затоа што географски, историски и културно секогаш била дел од ЕУ.Затоа, следниот логичен чекор по мене треба да биде средбата на двете влади. Двете се силно економски ориентирани и логично е да ги разменат искуствата.Трето, следниот чекор, бидејќи приказната има логика, веќе е сторен - нашиот претседател на Собранието господинот Гаши веќе упати покана за заедничка средба, се надевам дека таа брзо ќе се оствари. И овде има логика, каде ја гледам логиката, во учењето. Јас ја знам улогата на црногорскиот парламент во процесот на евроинтеграција и мислам дека научените лекции е добро да се повторат.Околу уставните измени за кои многу се зборува веднаш ќе кажам никаков проблем нема во преамбулата да се внесат и Црногорците. Никој не негираа и сите ние помниме дека сме биле повеќе од 50 години заедно во добро и во зло. Но, она што важи за уставните измени уште еднаш ќе го реафирмирам. После многу lose-win состојби во кои дури и името го сменивме - непознат феномен, не само меѓу луѓето, туку и меѓу државите, ние повторно значи сме соочени сега на барање на Европската Унија да посегнеме по нови уставни измени.Соломонското решение што ќе доведе до win-win ситуација го гледаме во одложното дејство на уставните измени, или како ние професионално деформираните правници како мене велиме, vacatio legis со одложно дејство. Причина логична - секогаш кога ќе ги завршите преговорите за ЕУ и кога ќе започне и ќе заврши процесот на ратификација се посега или редовно по уставни измени, логично е тогаш и оваа уставна измена да стапи во сила тогаш, а не сега. Бидејќи ние сме рекордери во уставни измени, за триесетина години дури 36 уставни измени најчесто иницирани однадвор, а не одвнатре.Присутни, јас морам да кажам дека мојот легитимитет и легитимитетот на владата извира од граѓаните. Не извира однадвор па дури ни од Европската Унија. Јас морам да кажам дека не можам да гарантирам дека ќе има уставни измени бидејќи не сум апсолутен монарх и не можам да ја суспендирам парламентарната демократија. Според секој устав, па и според нашиот, пратениците во системот на поделбата на власта ги претставуваат граѓаните и гласаат по сопствено уверување. Во спротивно, фрустрацијата ќе биде многу голема и сакам да предупредам дека ова што се случува со нас нема да биде единствен преседан. Држете ме за збор, Балканот не е Скандинавија. Латвија, Литванија и Естонија станаа најбрзо членки, поддржувани од Финска, Норвешка и Данска. Кај нас не е така. Слично со Данска, можеби Хамлет шета по овие простори. Значи затоа јас велам дека, да не правиме преседани бидејќи билатерализацијата на преговорите ќе го одложи проширувањето на ЕУ.Ние не сме оптеретување за апсорпциониот капацитет на ЕУ, ама и самата ЕУ честопати вели дека е недовршена симфонија без нас, или дека Балканот, или Западниот Балкан, една измислена синтагма, дека е нејзината Ахилова петица. Тогаш треба, во светот на глобализацијата како плурализација, да водите сметка и за Западен Балкан, како што не нарекуваат. На факултет во предавањето ќе објаснам зошто не разбирам што значи синтагмата, но таа е реалност.Целосно се согласувам со претседателот дека извонредните политички односи засновани на почит и разбирање, треба да продолжат со економска соработка, бидејќи навистина таа во сегашните размери е симболична.Инфраструктурно треба да се поврземе, во сите области треба да соработуваме, бидејќи кога велам дека мене регионалниот интерес ми е најважен, идеалистички сметам дека е многу важно да се потенцира дека ако не се штитите меѓу себе, не може да очекувате заштита од надвор. Ако не се разбирате регионално меѓу себе не можете да очекувате разбирање од надвор. Крајно време е ако сакаме преку помирување да дојде до прогрес на овој дел од Балканот да ги развиваме регионалните интереси. Тогаш верувајте ми дека само почитувајќи се и меѓусебно почитувајќи се, ќе ја добиеме и заслужиме и почитта од Европската Унија. Се насмеа претседателот, јас честопати велам дека крајно време е homo balcanicus да стане homo politicus. Емоциите се многу важни во уметноста, во културата и затоа јас се восхитував и денеска на еден од моите омилени сликари, Петар Лубарда, ама емоциите не се добри во политиката. Политиката бара рацио, бара разбирање.Уште еднаш значи, од срце ви благодарам на прекрасното добредојде. Го потсетив претседателот дека и јас во црногорскиот мозаик едно камче внесов пред референдумот за самостојноста и независноста, бидејќи како професорка, како експертка, повикав овде дека правото на самоопределување е гарантирано со повелбата на Обединетите Нации и дека тоа што важело за сите држави и нации важи и за црногорската држава и за црногорската нација. Дека сум во право се покажува во вашето чекорење кон ЕУ. Се радувам на скорото отварање на четирите поглавја. Очекувам и посакувам 2028-та година да биде годината на влегувањето во Европската Унија, оти тоа е доказ дека е направен првиот голем исчекор, како доказ дека Европската Унија сега има стратегија за Западен Балкан, бидејќи тоа го немаше од 2003-та година односно од Солунскиот самит. Најважното, едно од поглавјата што ќе ги затворите се однесува на надворешната и безбедносната политика. Ние не сме членка на ЕУ меѓутоа имаме целосно хармонизирана надворешна и безбедносна политика. Тоа е многу важно за безбедноста на регионот, во ова време невреме, соочено со војни. Како жена морам нешто да кажам на крајот. И во Генералното Собрание реков дека е крајно време за длабоки реформи, па можеби и за жена генерален секретар на Обединетите Нации, зошто за жал војните најмногу ги погодуваат жените и децата. Мора да ставиме крај на сликите што потсетуваат на Герника од Пикасо. Обединетите Нации се доминантно мировен проект. Му реков на претседателот, добија Нобелова награда за мир, ама Њујорк е местото каде што треба да се решаваат проблемите. ЕУ исто така настана како мировен проект, генерално.Затоа, значи мора ние на мирен начин да ги решаваме проблемите. Во спротивно нема невин. Не се виновни само оние со чинење, виновни се и оние кои само набљудуваат, а не реагираат, рече Сиљановска-Давкова.

Македонија | пред 1 година

siljanovska-davkova-1-2

Сиљановска обвини за хајка по спорните помилувања, па го кажа новиот состав на Комисијата

Претседателката Гордана Сиљановска Давкова го избра и соопшти новиот состав на Комисијата за помилување. Пред тоа, таа посочи дека кај претходниот состав на Комисијата не гледа никаква грешка во постапувањето, кога беше помилуван и член на нарко-банда. Сиљановска-Давкова посочи и дека таа нема никаква грешка.„Хајката што се случи по медиумите е интересен феномен. Колегите не згрешија. Во ништо не згрешив ниту јас. Затворениците се луѓе, помилувањето е давање на милостина. Комитетот за превенција на тортура и нечовечко постапување ни упатува и критики дека кај нас има најниски помилувања“, рече претседателата.Таа кажа дека во нејзиниот тим за помилување немало и нема да има актуелни обвинители, судии, адвокати и беше децидна: „Јас сум против тоа“.Пензионираната врховна судијка Милка Ристова ќе биде претседателка на новата Комисија за помилување во кабинетот на претседателката.Членови се:-професорката по кривично право од Правниот факултет „Јустинијан Први“, Александра Груевска-Дракулевски,-професорот од Факултетот за безбедност Оливер Бачановиќ,-доктор по психолошки науки Драгана Батиќ,-професорката од Правен факултет, Александра Груевска Дракулевски,-професорот од тетовскиот правен факултет Афет Мамути,-професорката по казнено право од Универзитетот на Југоисточна Европа, Блерта Ахмеди Арифи,-магистер Доан Сулејманоски, кој доаѓа од невладиниот сектор.Првата седница, Комисијата за помилувања ќе ја одржи утре.Претходните членови на Комисијата поднесоа колективна оставка по само три месеци работа.Оставките беа по острите реакции во јавноста откако по повод Денот на Македонската револуционерна борба, 23 Октомври, претседателката Силјановска помилува десет осуденици, меѓу кои беше и Акиф Равмановски, припадник на нарко кланот „Барон“. Помилувани беа и поранешниот битолски градоначалник Владимир Талевски обвинет во случајот Транспортер и Маријан Ефремов првоосомничен во аферата „Шпион“.Претседателката е на став дека поради законските ограничувања за проверки и мешање во работата на судовите и на обвинителствата, неправедно настрада претходната Комисија.

Македонија | пред 1 година

siljanovska-davkova-1

Претседателката Сиљановска ја прифати оставката на Комисијата за помилување

„Членовите на Комисијата за помилување денеска ја информираа претседателката Гордана Сиљановска Давкова дека поднесуваат колективна оставка од позициите во комисијата“, вели претседателката Сиљановска-Давкова и додава:Одлуката за поднесување на колективна оставка од Комисијата за помилување членовите ја донеле во согласност со нивните лични и професионални принципи.Претседателката Сиљановска Давкова ја прифати оставката поднесена од проф. д-р Методија Каневчев, проф. д-р Гордан Калајџиев, проф. д-р Арлинда Кадри Шахиновиќ, д-р Зора Митиќ, м-р Ана Ѓорѓиева Ивановска и Ајтен Шаќири.Во следниот период претседателката Гордана Сиљановска Давкова ќе изврши консултации за новиот состав на комисијата, како и за институционалните и законски слабости кои постојат во системот за помилување на осудени лица.

Македонија | пред 1 година

Gordan-Kalajdjiev-20

Комисијата за помилување која предложи спас на член на нарко група си даде оставка

По само три месеци работа, Гордан Калајџиев на својот ФБ профил објави дека членови на комисијата за помилување, како советодавно тело на претседателката, поднеле колективна оставка.“Еве што стои во причините за овој чин кој доаѓа по огромните реакции за помилуваните по повод 23 Октомври, меѓу кои е член на наркокартелот „Барон“:“Со ова ја известуваме јавноста за нашата колективна оставка од позициите членови на комисијата за помилување.Оваа одлука ја донесовме во согласност со нашите лични и професионални принципи”, велатПроф.др Методија Каневчев, Проф.др. Гордан Калајџиев, Проф.др. Арлинда Кадри Шахиновиќ, Др. Зора Митиќ, М-р Ана Ѓорѓиева Ивановска, Ајтен Шаќири.

пред 1 година

Screenshot-2024-10-22-at-21.27.33

Братот на Шенки „Версаче“ и Владимир Талески-Двојче меѓу помилуваните од Сиљановска - објавена листата!

Претседателката Гордана Сиљановска-Давкова денеска го помилуваше Шенол Маслани, брат на познатиот Шенки кој од глава до пети е облечен во „Версаче“. Освен него, помилуван е и ексградоначалникот на Битола Владимир Талески, дознава „Скопје1“.Полицијата го гонеше Шенол Маслани дека е дел од 12 члена група која се заканувала на полицаец, се занимавала со дрога, поседувала оружје. Шенол Маслани во 2019 година беше уапсен во голема полициска акција кога полицијата заплени пушки, пиштоли, луксузни автомобили, пари и дрога.Владимир Талевски-Двојче беше осуден за случајот „Транспортер“. Со одлуката на претседателката доби намалување за една година.Помилување од три месеци доби и Марјан Ефремов, но не е познато дали е ова осудениот во случајот „Шпион“, предмет кој се однесуваше за шпионирање во корист на разузнавачки структури.Ова се останатите:Во согласност со Законот за помилување, постапката за евентуално помилување на осудени лица од страна на претседателот започнува со поднесување молба за помилување до судот којшто ја донел првостепената судска одлука.Молбата, заедно со потребната документација, судот ја доставува до Министерството за правда.Според законски утврдената постапка, министерот за правда ги разгледува молбата и останатите документи, и дава свој предлог којшто го доставува до претседателот на Република Северна Македонија.Комисијата за помилување на претседателот на Република Северна Македонија, како постојано работно тело во служба на претседателот, на редовни седници поединечно ја разгледува секоја пристигната молба за помилување заедно со предлогот на министерот за правда.Комисијата, со мнозинство гласови од присутните членови, утврдува мислење односно предлог којшто го доставува до претседателот на Република Северна Македонија.Врз основа на мислењето на Комисијата, како и врз основа на предлогот на министерот за правда, претседателот на Република Северна Македонија донесува конечна одлука.Одлуките на претседателот се јавни и се објавуваат во „Службен весник на Република Северна Македонија“.

Македонија | пред 1 година

Foto-1

Сиљановска во ОН: Северна Македонија е реалност, ги исполнуваме обврските, а сега сме пред нов услов кој наместо членство во ЕУ ни носи преговори

Претседателката Гордана Сиљановска Давкова се обрати на Генералната дебата на 79. сесија на Генералното собрание на Обединетите нации, што се одржува на тема „Не оставајќи никого зад себе: дејствувајќи заедно за унапредување на мирот, одржливиот развој и човечкото достоинство за сегашната и за идните генерации“.„Поупатените во македонскиот случај знаат за сцилите и харибдите низ кои помина и сè уште минува мојата татковина, малата балканска држава, којашто иако индиректно, како една од шесте конститутивни југословенски републики учествуваше во создавањето на Обединетите нации, при приемот во ОН во 1993 година, се соочи со голема неправда. Имено, таа беше примена под привремената референца, поранешна југословенска Република Македонија, но и со дополнителен услов да преговара за изнаоѓање конечно решение за спорот за името. Во 2018 година беше потпишан и ратификуван Преспанскиот договор, по што следуваа неуспешен референдум и уставни измени со кои Република Македонија формално правно стана Република Северна Македонија. Како професорка по уставно право и како поранешна членка на Венецијанската комисија, знам дека она што е легално не секогаш е праведно и легитимно, оти во случајот на мојата држава, не се постапуваше во согласност со меѓународното и националното право, односно „се заборави“ правото на самоопределување на секој народ, загарантирано со Повелбата на ООН и уставот на СФРЈ од 1974 година“, рече Сиљановска Давкова и додаде:„Се разбира, новото име е формално-правна реалност и мојата држава Република Северна Македонија, како одговорна земја членка на Обединетите нации и на НАТО, ги исполнува меѓународните обврски. Но, членството во ЕУ, заради кое го прави тоа, не само што не се оствари, туку македонските граѓани сега се пред нов, повторно „последен услов“ за уште една уставна измена, но, не за членство, туку за почеток на преговорите и тоа по втор пат!За нас, членството во ЕУ, по 20 години преговори и дури 16 позитивни извештаи од Европската комисија, наликува на господинот Годо, оти го чекаме од 2005 година, охрабрувани од меѓународните претставници со рефренот: „уште само овој услов“, „уште само оваа отстапка“, „уште само оваа уставна измена“. Така, станавме „sui generis” држава, со 36 уставни измени за 30 години, закотвена во геополитичкиот регион наречен „Западен Балкан“!Како мирољубива држава, посветена на добрососедството и на регионалната соработка, очекуваме разбирање и соработка со нашите соседи, без закана со вето, зошто каде што има вето, честопати, нема правда. Ветото стана инструмент за билатерализација на евроинтеграцијата, односно нејзина стагнација. Во услови на конфликт на европското тло, стагнацијата на евроинтеграцијата не само што ги демотивира македонските граѓани и ги забавува реформите, туку и го дестабилизира регионот на Југоисточна Европа, оставајќи простор за продор на малигни империјални и великодржавни влијанија.Проширувањето мора да се врзе за меритократските Копенхагенски критериуми и да се ослободи од ветоизацијата врзана за обидот за ревизија на историјата и непочитување на националниот и културниот идентитет.Од нашите европски и стратешки партнери очекуваме разбирање и праведно деблокирање на процесот на преговорите за членство во Европската Унија, отфрлање на двојните стандарди и почитување на сопствените принципи и вредности, вградени во основните уставни документи.Европската реунификација е како недовршена симфонија без нас. Европската Унија не е само политички систем, туку и политичка филозофија во која веруваат најголемиот број македонски и балкански политички актери и граѓани. Интеграцијата е моќен мотив и клучна сила за демократскиот развој. Целосната интеграција на Балканот во ЕУ ќе стави крај на бескрајното прекројување на границите и на балканизацијата како феномен. Но, се разбира, балканските држави мора да се однесуваат според европските стандарди, регионално поврзувајќи се и соработувајќи. Драгоцено е искуството и очекувана е помошта на земјите од регионот кои станаа дел од ЕУ, но и на оние коишто се на трасираниот европски пат. Мора да научиме да се поддржуваме едни со други, како во случајот со ковидот, поплавите и пожарите, наместо да се блокираме на европскиот пат. Homo Balkanicus може да биде Homo Europicus, кога сака!Линијата којашто го двои легалното од праведното се провлекува не само во македонскиот случај, туку и низ речиси сите прашања што се на агендата на Обединетите нации, вклучително и оние опфатени во темата на годинашнава генерална дебата: „Не оставајќи никого зад себе: дејствувајќи заедно за унапредување на мирот, одржливиот развој и човечкото достоинство за сегашната и за идните генерации“.Соочени сме со големи прашања:1. Да почнам од најважното: Мирот. Можен ли е праведен мир кога се соочуваме со сè повеќе војни и со флагрантно кршење на Повелбата на Обединетите нации? Можен ли е праведен мир со сè подлабоката милитаризација на политиката и со новата трка во вооружувањето?2. Можно ли е човечко достоинство во амбиент на двојни стандарди, кога човечкиот живот не е еднакво вреднуван и кога страдањата на невините жртви во конфликтите не се еднакво третирани?3. Како да постигнеме праведен развој, втурнати во трката за профит на сметка на народите на планетата, кога глобалните ресурси се жртвувани, маргинализирани, фрлени на периферијата, заборавени во националните и корпоративните политики и акции?4. Како да се постигне социјална правда во услови на растечка економска, образовна, родова и дигитална нееднаквост меѓу државите и во самите држави, со сè помалубројни победници и сè побројни губитници на глобализацијата и дигитализацијата, првиве потонати во декаденција, а вториве во пауперизација?5. Како ќе обезбедиме генерациска правда ако продолжиме со неодговорната и неконтролирана експлоатација на ограничените ресурси? Како ќе се создаде безбедна и одржлива иднина за нашите потомци, ако се продолжи со екоцидните производствени практики и конзумерски навики што оставаат свет задушен од аерозагадувањето, затруен со пестицидите и затрупан со пластика?6. Со алармантното ниво на емисии на стакленички гасови што забрзано водат до климатски промени со катастрофални последици, дали ние воопшто можеме да зборуваме за одржливост или, пак, треба да почнеме да размислуваме за преживување/способност за живеење? (sustainability vs. habitability).Главниот проблем е што сите овие неправди се системски, што значи, дека ако не се легализирани, тогаш се премолчено толерирани. Она што е легално, за жал, не секогаш е праведно и морално, да повторам уште еднаш.Зошто е тоа така? Во најпознатиот дијалог за моќта и за правдата, Тукидит потсетува дека „правдата е збор кој има вредност во расправиите меѓу луѓето само кога двете страни имаат подеднаква сила; во останатите случаи силните го прават тоа што можат, а слабите она што мораат“.Но, Обединетите нации постојат за да го облагородат суровиот тукидитов свет, со тоа што, обезбедувајќи правна еднаквост меѓу нациите, ќе ја скротат моќта на големите и ќе ги заштитат малите народи. Токму таа правна еднаквост е предуслов за постигнување на врвните цели на Обединетите нации – мирот и безбедноста, човековите права и одржливиот развој. Обединетите нации постојат за да го надминат или барем да го намалат јазот меѓу легалното и праведното.Пред голем предизвик сме: како правното да стане и праведно, односно праведното легално? И, како, она што е легално и праведно да се имплементира?Почитувани присутни,Нема едноставни, евтини и безболни решенија за овој двоен предизвик. Тука, во оваа свечена сала на Генералното собрание, со години лидерите на светот ги споделуваат своите очекувања и разочарувања од Обединетите нации што, не ретко, осцилира помеѓу две вредности – утопискиот оптимизам, од една страна, и нихилистичкиот песимизам, од друга страна. Но, реалноста е комплексна и содржи и успеси и неуспеси.Обединетите нации превенираа нова Светска војна, но не успеаја да ги превенираат и спречат регионалните конфликти, вклучително и војната во Украина и крвопролевањето на Блискиот Исток, чии сцени наликуваат на „Герника“ од Пикасо.Светската организација крена милиони луѓе од сиромаштијата, но сè уште не успева да ја искорени гладта.Со правото на самоопределување, го забрза процесот на деколонизацијата, но не успева да го надмине јазот меѓу богатиот Север и сиромашниот Југ.Обединетите нации се главниот двигател за решавањето на глобалните безбедносни, мигрантски, здравствени, еколошки, енергетски и климатски кризи, но, ретко која од нив е потполно и праведно разрешена.Резолуциите на ова генерално собрание ја одразуваат волјата на мнозинството нации, но не секогаш се доследно почитувани.Меѓународниот суд на правдата е крајната инстанца на правда меѓу државите, а сепак неговите пресуди не секогаш се спроведувани, па дури и се третираат како совети.Светот минува низ бурна геополитичка, економска, научна, технолошка и индустриска трансформација во која човекот има огромно влијание врз планетата. Се плашам дека ја уништува Еденската градина и дека повторно ќе биде избркан од неа, ако не му помогнат Обединетите нации .Но, надлежностите, структурите и процедурите на Обединетите нации како да се замрзнати во времето на нивното основање, во 1945. Наместо зголемена соработка и акција за горливите прашања, се интензивира геополитичкото ривалство и новата трка во вооружување што забрзано нѐ турка кон состојба што наликува на нова, втора студена војна и на Орвеловиот свет!Ретко кога Обединетите нации ни биле толку потребни како денес. А сепак, ретко кога, Обединетите нации биле толку политички маргинализирани како што се денес.Дами и господа, почитувани колеги,За да се надмине оваа политичка маргинализација, потребен е нов дух на мултилатерализам што ќе ги ублажи геополитичките ривалства и ќе ја зголеми довербата и соработката меѓу државите околу споделените предизвици. Тој мултилатерализам се потпира врз три столба.1. Првиот е доследното почитување на Повелбата на Обединетите нации и на меѓународното право коешто постои за да ги заштити послабите од предаторските инстинкти на посилните.Во овој контекст, македонската држава цврсто стои на ставот дека територијалните претензии и обидот да се стекне територија со сила се флагрантно кршење на Повелбата на Обединетите нации. Кога опасните преседани остануваат неоспорени, тие се трансформираат во толерирани практики што ги загрозуваат светскиот мир и безбедноста. Затоа, ние ги поддржуваме заложбите за одржлив, праведен и траен мир во Украина, втемелен врз меѓународното право, вклучително и Повелбата на Обединетите нации. На тој план, целосно се усогласивме со Заедничката надворешна и безбедносна политика на Европската Унија.Ова е важно за нас, бидејќи војните и конфликтите се одразуваат и на мирот и стабилноста на Југоисточна Европа и Западниот Балкан. Мултилатерализмот зависи и од почитувањето на меѓународните договори. Како држава посветена на добрососедството и регионалната соработка, ние ги почитуваме билатералните договори со нашите соседи и очекуваме и нашите соседи да ги почитуваат договорите без да го злоупотребуваат правото на вето.2. Вториот столб на мултилатерализмот е доследното спроведување на Целите за одржлив развој и на сродниот Париски договор и Рамката од Сендаи за намалување на ризиците од катастрофи.На национален план, со поддршка од Обединетите нации и од нивните агенции, ние ја вклучуваме Агендата 2030 во нашите долгорочни развојни стратегии, политики и закони. Високо на нашата агенда се климатската акција и зелената и праведна транзиција, родовата еднаквост и борбата против дискриминацијата на жените и девојките, како и вклучувањето на младите во процесите на одлучување. Две третини од Целите за одржлив развој се директно поврзани со европското законодавство, па Обединетите нации ни помагаат во спроведувањето на европските реформи. И за тоа сме им благодарни.3. Третиот столб на новиот мултилатерализам го гледам во поголемата посветеност кон реформа на Обединетите нации, што ќе биде суштинска, а не козметичка и корективна, реформи, што ќе го отклучат потенцијалот на Обединетите нации и ќе овозможат гласот на секоја држава, голема или мала, да биде еднакво слушнат и вреднуван.Првата група реформи треба да помогнат во усогласување на Обединетите нации со новите предизвици и новите развојни приоритети. Сè почестите екстремни временски појави предизвикани од климатските промени се само предигра на тоа каква иднина нè очекува нас и нашите потомци, доколку од корен не се промени односот на човештвото кон природата и планетата. Потребен ни е нов општествен договор, како што вели Жан Жак Русо, но и нов природен договор (Natural Contract), како што вели Мишел Сера, со кој природата ќе ја третираме како партнер!Втората група реформи би ги опфаќала структурите и процедурите на Обединетите нации, почнувајќи од правилата за гласање, преку финансирањето, до автономијата на генералниот секретар. Како што реков, каде што има вето, нема правда. Неспорен факт е дека правото на вето е легално, но, прашање е колку е праведно, кога се користи за да се парализираат процеси од коишто зависи исполнувањето на целите на Повелбата и очекувањата на народите во светот? Неопходно е Генералното собрание да добие поголема улога во одлучувањето, како претставничко тело на народите, во духот на: We, the Peoples, We, the Nations! Легитимитетот на Советот за безбедност извира од Генералното собрание, па тој треба да функционира како своевидна коалициона влада на народите!Третата група на реформи би ги зајакнала механизмите на Обединетите нации за заштита на ранливите популации и групи, што е особено важно денес, кога бројот на жртвите и бегалците е на највисоко ниво од Втората светска војна.Ценети присутни,Наредната 2025 година ќе славиме 80 години од основањето на Обединетите нации. Оваа година е последниот повик. Обединетите нации или ќе станат мотор којшто ќе го движи светот кон похуман, поправеден и поодржлив поредок, втемелен врз инклузивно и одговорно владеење, или ќе се сведат на пасивна бирократизирана структура целосно зависна од главните актери во геополитичките процеси и односи.Само суштински реформирани, Обединетите нации можат да го надминат јазот меѓу легалното и праведното и да придонесат кон вистински трансформиран свет во кој никој нема да биде оставен и заборавен. Like in the song of John Lennon "Imagine".

Македонија | пред 1 година

Screenshot-2024-09-15-at-12.24.43

Давкова ги именуваше Малинка Ристевска Јорданова, Џевдет Хајредини и Владимир Спиридонов за членови на Советот за безбедност

Претседателката Гордана Сиљановска Давкова, согласно своите уставни надлежности, за членови на Советот за безбедност ги именуваше Малинка Ристевска Јорданова - експерт за евроинтеграции, Џевдет Хајредини - поранешен министер за финансии и Владимир Спиридонов - експерт за климатски промени.Со именувањето на тројцата членови од страна на претседателката Сиљановска Давкова, Советот за безбедност на Република Северна Македонија е во полн состав:Претседател на Советот за безбедност е претседателката Гордана Сиљановска Давкова.Членови на Советот за безбедност се:·        Африм Гаши, претседател на Собранието,·        Христијан Мицкоски, претседател на Владата,·        Панче Тошковски, министер за внатрешни работи,·        Владо Мисајловски, министер за одбрана,·        Тимчо Муцунски, министер за надворешни работи и надворешна трговија,·        Џевдет Хајредини,·        Малинка Ристевска Јорданова, и·        Владимир Спиридонов.

Македонија | пред 1 година

siljanovska-4

По 33 години, засегнати сме од надворешни притисоци, непринципелни блокади, безбедносни кризи, вели Сиљановска за Денот на независноста

Претседателката Гордана Сиљановска Давкова упати честитка до граѓаните по повод 8 Септември - Денот на независноста.„Почитувани граѓани,На 8 септември 1991 година, македонските граѓани, користејќи го правото на самоопределување, ја изразија својата волја и во огромен број го дадоа својот глас за суверена и самостојна македонска република. Освен на референдумското ливче, таа волја беше изразена и преку озарените лица на илјадниците граѓани спонтано собрани на плоштадот „Македонија“, каде што со голем ентузијазам и надеж за иднината ѝ се радуваа на независноста.Со тој чин, тие, ние, македонските граѓани, на мудар, демократски и мирољубив начин, во согласност со Повелбата на Обединетите Нации, ја напуштивме федерацијата што се распаѓаше и зачекоривме во новата етапа на македонската државност. Заокружувајќи го делото на илинденците и на асномците, ја превзедовме одговорноста да градиме модерна, европска, правна држава која ќе обезбеди мир и соживот, социјална правда, економска благосостојба и напредок на личниот и заедничкиот живот.33 години подоцна, ентузијазмот и надежта се, за жал, засенети од бројните предизвици со кои се соочивме како држава, од надворешни притисоци и непринципиелни блокади, преку внатрешни поделби, па сè до политички и безбедносни кризи. Низ годините имавме и успеси и грешки, и подеми и падови. Пропуштените можности, сеприсутната партизација и политизација и хроничната корупција ги отуѓуваат граѓаните и ги иселуваат младите.Наша должност е да ги оставиме на страна поделбите и да се сплотиме околу општото добро и јавниот интерес. Мора да ги вложиме сите наши лични и институционални капацитети за да ја направиме македонската република пристојно место за живеење, што ќе им дава еднакви шанси за напредок на сите нејзини граѓани, република што ќе биде грижлива кон најдобрите, инклузивна кон различните, солидарна кон ранливите и праведна кон сите.Само со европеизација на државата, со владеење на правото и со борба против корупцијата, со функционални институции и со компетитивна економија и систем на заслуги ќе им овозможиме на младите генерации, правото на потрага по среќа да го остварат дома, во заедничката татковина, во која ќе работат, ќе основаат семејства и ќе создаваат иднина. Само така, ќе ја обновиме надежта и ќе го вратиме ентузијазмот од почетокот на македонската независност.Нека ни е честит 8 Септември – Денот на независноста!“

Македонија | пред 1 година

Foto-3

Сиљановска е горда на Армијата: Се борите за шумите, ама време е да се преиспита и системот за заштита и управување со кризи!

Претседателката Гордана Сиљановска Давкова денеска се обрати на централната свеченост по повод 18 Август, Денот на Армијата, што се одржа во Центарот за обука на вода во Охрид.Во своето обраќање претседателката Сиљановска Давкова оддаде признание на припадниците на Армијата за нивното дисциплинирано, совесно и одговорно извршување на воените должности, како дома, така и во странство, преку учество во бројни мировни мисии. Претседателката особено ја истакна посветеноста на Армијата во поддршката на институциите во справувањето со елементарните непогоди и со кризните состојби, како што се пожарите на територијата на целата држава, секогаш правејќи го тоа професионално и пожртвувано и поради тоа, како што нагласи, Армијата континуирано ужива највисока доверба кај македонските граѓани.На централната свеченост беше извршено примопредавање на должноста началник на Генералштабот на Армијата од досегашниот началник, генерал-потполковник Васко Ѓурчиновски на новиот началник на Генералштабот, генерал-мајор Сашко Лафчиски.Во продолжение е интегралното обраќање на претседателката Сиљановска Давкова:Неодамна, на прославата на Илинден, потенцирав дека силата ни извира од единството на нашите различности: етничка, верска, јазична, генерациска, полова, идеолошка. И покрај разликите, Вие, офицерите и подофицерите, војниците и резервистите, ветераните и питомците, споделувате нешто заедничко: сите сте поврзани и обврзани со свечената заклетва дека ќе ги браните слободата, суверенитетот и територијалниот интегритет на државата. Ве потсетувам дека насушна и непресушна потреба и чест е дисциплинирано, совесно и одговорно, како и досега, да ги извршувате воените должности. Знам дека Вие го правите тоа постојано и беспрекорно со макотрпни реформи, согласно строгите НАТО стандарди, со активното и кредибилно учество во мировните мисии во функција на регионалниот и глобалниот мир, преку меѓународните воени вежби на кои ги демонстрирате знаењето и способностите, а најмногу со безрезервната подршка и помош што им ја давате на македонските граѓани и на цивилните институции во справувањето со елементарните непогоди, како пожарите летово.Сево ова ме прави горда на вас, припадниците на Армијата.Вие сте важен мировен гарант и потенцијал во овие тешки времиња на голема неизвесност, предизвикана од глобални и европски безбедносни ризици и разгорени регионални воени конфликти, присуство на традиционални, но и нови, хибридни и сајбер-закани, активни малициозни влијанија и дезинформации од државни и недржавни актери. Современото бојно поле, за жал, од физичкиот се прошири и на дигиталниот простор.Актуелната војна на тлото на Европа и на блискиот Исток која предизвикува невидени човечки страдања и материјални штети, наметнува тешки прашања и дилеми, но и предизвици за човештвото, заради почитувањето и непочитувањето на меѓународното право, неефикасноста во функционирањето на меѓународните институции и овластените меѓународни актери.Знаеме дека Вие, припадниците на Армијата, патот до НАТО го изодевте преку бројни мировни мисии во кои стекнавте не само огромно искуство, туку и голема и заслужена почит. Затоа, ќе продолжиме да придонесуваме за мирот преку учеството во КФОР, Зајакнатото присуство во Летонија и активностите на зголемена будност во Бугарија и Романија како дел од колективниот НАТО-систем на одвраќање и одбрана. И понатаму ќе учествуваме во мисиите ЕУФОР – АЛТЕА и УНИФИЛ. Во моментов, над 180 армиски припадници се ангажирани во мировните мисии и операции, под македонското знаме.На воените вежби, на полигоните со сојузниците ја потврдивте вашата обученост и интероперабилност. Само до крајот на оваа година, над 400 армиски припадници ќе учествуваат на НАТО-вежбите каде што ќе ги развиваат, докажуваат и усогласуваат своите способности со оние на сојузниците.Но, за мене, најважно од сè е дека, и покрај вашето активно меѓународно присуство, вие сте тука, дома, секогаш и секаде каде што е најпотребно.Почитувани граѓани,Ценети присутни,Додека денес го прославуваме овој голем и важен празник, дел од припадниците на Армијата се борат со огнените стихии ширум државата. Во овој момент им помагаат на противпожарните екипи во гаснењето на пожарите, заштитата на граѓаните и добрата. Би сакала како претседателка на сите граѓани-волонтери, исто така, да им изразам неизмерна благодарност за помошта во овие огнени денови.Повторувам, години наназад, Армијата редовно се ангажираше во поддршката на институциите во справувањето со елементарните непогоди и со кризните состојби. Секогаш тоа го правеше професионално и пожртвувано. Затоа Армијата, затоа вие, континуирано уживате највисока доверба кај македонските граѓани.Но, должна сум да потсетам дека, во битката со пожарите не сме сами, туку ја имаме помошта од пријателските држави, особено од регионот. Не попусто рекле дека во маката се познаваат пријателите. Да им се заблагодариме за солидарноста сега, кога ни е најтешко. Нивната помош нема да ја заборавиме. Како во минатото, така и во иднина и ние ќе продолжиме да им помагаме на нашите соседи и пријатели кога за тоа ќе има потреба.Но, освен неброените хектари шуми, ниви и пасишта, во овие пожари се изострува прашањето за функционалноста на системот за превенирање на пожарите и справување со нив. Како и досега, така и во иднина, Армијата ќе биде подготвена да им даде целосна поддршка на граѓаните и на надлежните институции. Но, време е да се преиспита системот за заштита и спасување и за управување со кризи, да се детектираат и коригираат институционалните и професионалните недоследности, како и да се креира логичен, ефикасен систем на справување со кризи. Мора да направиме сè што е потребно за да го заштитиме општото добро и јавниот интерес навреме, да посегнеме по превенција, наместо по справување со последиците. Сигурна сум дека тоа ќе биде направено.Ова е особено важно имајќи ги предвид климатските проекции за иднината. Сушите, пожарите и поплавите ќе бидат сѐ почести и сѐ поинтензивни, оти, за жал, ние луѓето влеговме во однапред изгубена војна со природата. Како мултипликатор на безбедносните ризици и закани, климатските промени предизвикуваат домино-ефект, од елементарни непогоди, преку климатски миграции, до трка за ресурси.Затоа, мора да изградиме рационална и инкременталистичка политика што ќе резултира со функционален систем, способен навреме и соодветно да се адаптира кон промените, да ги превенира ризиците, да управува со процесите и да ги ублажува последиците. Така, ќе обезбедиме одржлив развој и сигурна сегашност и иднина за македонските граѓани и за македонската држава.Почитувани присутни,Денеска, пред нас, пред вас се изврши примопредавање на должноста началник на Генералштабот на Армијата.Од срце, и со разум, му благодарам на досегашниот началник, генерал-потполковник Васко Ѓурчиновски за успешното лидерство во изминатите години. Нему му припадна задачата да биде началник на Генералштабот во клучен период, кога македонската држава се соочи со бројни ризици, но и успеси како формалното членство во НАТО. Тој активно учествуваше во трансформацијата и модернизацијата на Армијата и успеа да ја продлабочи соработката со нашите сојузници. Јас и понатаму му нудам соработка. Благодарна сум му за стореното и очекувам понатамошни советнички успеси.Воедно, му честитам на новиот началник на Генералштабот, генерал-мајор Сашко Лафчиски за неговото именување. Пред него, пред вас, се големи задачи и предизвици. Тој, Вие, ќе треба да учествува во одржувањето и во унапредувањето на борбената кондиција, да продолжи со реформите, да ја зајакне меѓународната соработка и да вложува во воените и цивилните припадници на Армијата. Нему му ја доверувам задачата да ја сочува вистинската доверба којашто Армијата ја ужива како меѓу македонските граѓани и кај нашите сојузници и партнери.Сведоци сме на смена на генерации коишто се поврзани и обврзани со иста заклетва, заедно со вас, припадниците и припадничките на Армијата, да ја браните слободата, сувереноста, самостојноста и територијалниот интегритет на единствената татковина што ја имаме.Тоа ме прави горда на вас. Тоа ги прави вашите семејства, вашите пријатели, но и сите наши сограѓани, горди на вас. Наша должност е да ви помогнеме достоинствено да ја извршувате оваа задача.Мора да продолжиме да се залагаме за родова еднаквост и за кариерен напредок во сите области и во Армијата. Конечно, мора да вложуваме во образованието и во обуката на сегашните и на идните воени лидери на македонската армија, но и во нивниот социјален статус.Почитувани припадници на Армијата,Честитајќи ви го празникот, ви посакувам многу успех во извршувањето на вашата одговорна и благородна задача.

Македонија | пред 1 година

siljanovska-inaguracija-sobranie

Претседателката ниту формира, ниту може да свика Совет за безбедност

„Републиката ни е во пламен. Да се молиме да падне дожд”, констатираше претседателката Гордана Сиљановска Давкова на Илинден.Премиерот Христијан Мицкоски на прес-конференција рече дека од повеќе канали добил информации оти раководството на ДУИ во обид да го заштити капиталот што го создавале изминатите двасетина години, ќе преземало чекори за дестабилизација на државата.Гордана Сиљановска-Давкова најави дека нема да го свикува Советот за безбедност.А и да сака, кого ќе свика да ги разгледуваат овие две сериозни и опасни теми, кога по три месеци од нејзината инаугурација, таа не го конституирала Советот за безбедност.Инаку Советот за безбедност е највисокото советодавно тело во Република Македонија, коешто ги разгледува прашањата сврзани со безбедноста и одбраната на Републиката и дава предлози на Собранието и на Владата.

Македонија | пред 1 година

czrvenkovski-i-ivanov-1-2-1024x794-1

Македонија гори, а ни глас од Црвенковски и Иванов

Дали некој деновиве ги чу или виде поранешните претседатели Бранко Црвенковски и Ѓорге Иванов? Луѓето секој месец на први, си ги користат привилегиите, околу 2.000 евра и плус оние зголемени 78 проценти.Плус согласно постојниот закон, покрај месечните закупнини за канцелариски простор, за поранешниот претседател се подмируваат и следните трошоци: плати за три стручни лица кои се обезбедуваат од буџетот; комунални трошоци за надомест на електрична енергија, вода, топлинска енергија, и ѓубретарина; службено возило и возач, одржување на возилото при СОЗР; услуги кои се однесуваат на одржување на хигиена, тековно одржување на објектот како и набавка на потребниот канцелариски материјал.За поранешниот претседател не важат условите за пензионирање предвидени со Законот за пензиско и инвалидско осигурување. Тоа е тешка повреда на уставното начело за еднаквост на граѓаните пред законот“, велат од експерти по право.Единствено привилегиите, како што најави не ги користи Стево Пендаровски кој се врати на факултет а имаше и објава за Илинден. За пожарите поранешните татковци на нацијата не се нешто заинтересирани, но за привилегиите тука се. Но, да ги оставиме луѓето на мира и да не ги нервираме. Нека уживаат на грбот на народот.Активна беше претседателката Силјановска Давкова, која двапати беше на терен и со војниците како врхвено командант, а вчера порача дека ќе се моли да падне дожд.

Македонија | пред 1 година

siljanovska-inaguracija-sobranie

Сиљановска Давкова: Мора да ги вложиме сите наши лични и институционални капацитети за да го спречиме иселувањето

Претседателката Гордана Сиљановска Давкова, по повод 2 Август, Илинден - Денот на Републиката, ја упати следната честитка:Ви го честитам најголемиот македонски празник – 2 Август – Илинден. На овој празник на светлината се потсетуваме на борбата за слободна македонска република што ја започнаа Илинденците а ја продолжија учесниците во народноослободителната и антифашистичка војна. На 2 август 1944-та, пред точно 80 години, делегатите на АСНОМ ја воспоставија македонската држава како република на национална слобода и социјална правда, на рамноправни граѓани, „не гледајќи на нивната народност, пол, раса и вероисповедание“.Право и должност на секоја генерација е да ја продолжи борбата и да го обновува духот на македонската република, усогласувајќи го со новите околности и новите можности.Борбата на нашата генерација е, чувајќи го наследството на илинденците и асномците, да ја направиме нашата македонска република пристојно место за живеење, што ќе им дава еднакви шанси за напредок на сите нејзини граѓани, република што ќе биде грижлива кон најдобрите, инклузивна кон различните, солидарна кон ранливите и праведна кон сите. Мора да ги вложиме сите наши лични и институционални капацитети за да го спречиме иселувањето и да создаваме иднина за младите, тука, во нашата заедничка македонска татковина. Таа борба ќе ја добиеме со европеизација на државата, со владеење на правото и искоренување на корупцијата, со компетитивна економија и грижа за животната средина, со сплотување околу општото добро и јавниот интерес.Драги сограѓани,Додека го одбележуваме Илинден, храбрите пожарникари, војници и волонтери со натчовечки сили се борат против огнените стихии за да ги спасат нашите шуми, и животите и имотите на нашите граѓани. Да им помогнеме и да ги поддржиме, и со тоа активно да учествуваме во борбата за доброто на граѓаните и иднината на републиката.Нека ни е за многу години Илинден!Да ни е вековита македонската република!

Македонија | пред 1 година

Foto-5

Армијата во координација со ЦУК и со помош од пријателски земји ја продолжува борбата со огнената стихија во неготинско

По денешната посета на зоната на пожари во неготинско и средба со припадниците на Армијата во близина на воениот полигон Пепелиште, попладнево Генералштабот на Армијата ја информираше претседателката Гордана Сиљановска Давкова дека продолжува борбата со огнената стихија во која припадници на Армијата во координација со сите инволвирани државни субјекти се ангажираат на неколку локации, пред се на планината Серта, а екипа попладнево е упатена кон Радовиш, како и екипа во реонот на с. Драгоево и с. Штркалево кон Криволак.Армијата во досегашниот период дејствува со 100 припадници од вториот пешадиски баталјон и со два армиски хеликоптери МИ-8/17 кои се ангажираат на локации по насоки на Центарот за управување со кризи.Притоа во првиот ден од активностите на армијата се исфрлени 44 тони вода, вчера 17 лета со 34 тони вода и денес до овој момент 28 лета и исфрлени 52 тони вода. Македонските сили во овој реон дејствуваат со помош од воздухопловите на Турција, Србија и Црна Гора.Припадниците на АРМ остануваат на терен каде во соработка со владините институции ќе продолжат да се борат против заканата за животите на граѓаните и јавното добро.При ангажирањето кое припадниците на Армијата го извршуваат крајно професионално, храбро и пожртвувано се почитуваат сите процедури и мерки за безбедност и лична заштита кои се пропишани согласно противпожарната обука која сите припадници ја поминуваат како дел од редовната обука.

Македонија | пред 1 година

Нема фотографија

Сиљановска Давкова на Самитот за мир: Компромисите со меѓународното право и принципи можат да го компромитираат европскиот и светскиот мир

Претседателката Гордана Сиљановска Давкова денеска се обрати на пленарната сесија на Самитот за мир во Украина, што викендов се одржува во Бургеншток на езерото Луцерн во Швајцарија.Во обраќањето претседателката оцени дека тековната војна во Украина нè засега сите нас, земјата е изложена на огромно човечко страдање и уништување, безбедносната архитектура на Европа е под закана, а на глобално ниво животите на милиони луѓе се засегнати од тешките економски последици.„На најсилен можен начин ја осудуваме неиспровоцираната и неоправдана агресивна војна на Русија и ја поддржуваме Украина на најдобар начин, дури и повеќе од она што го дозволуваат нашите ограничени капацитети, ресурси“, рече претседателката Сиљановска Давкова.Нашата држава, посочи претседателката, се приклучи кон Кримската платформа и целосно се усогласи со Заедничката надворешна и безбедносна политика на ЕУ, а Украина беше главен приоритет за време на македонското претседавање со ОБСЕ во 2023 година.На хуманитарен план, рече претседателката, се приклучивме на меѓународната коалиција за враќање на украинските деца и обезбедивме цивилна поддршка и итна помош за Украина и за украинските бегалци. Како поддршка на евроатлантските аспирации на Украина, посочи претседателката, испративме воена опрема преку Пакетот за сеопфатна помош на НАТО.„Како суверена нација, само Украина може да одлучи за својата иднина. Од Украина зависи кога и како ќе ја ангажира Русија за евентуално усогласено решение. Праведниот мир мора да биде вкоренет во принципите на Повелбата на ОН за суверенитет и територијален интегритет. Обидот на Русија да стекне територија со сила е флагрантно кршење на овие основни начела. Кога опасните преседани остануваат неоспорени, тие можат да се претворат во толерирани практики. Компромисите со меѓународното право и принципи можат да го компромитираат европскиот, па дури и светскиот мир и безбедноста. Единствениот начин да се избегне ова е да се почитува Повелбата на ОН и принципите на меѓународното право, без исклучок“, рече претседателката Сиљановска Давкова, истакнувајќи дека воздржувањето од употреба на сила, почитувањето на суверенитетот, територијалниот интегритет и неповредливоста на границите, и заштитата на човековите права и основните слободи, се цврсти принципи за кои не може да се преговара.Во обраќањето претседателката Сиљановска Давкова рече дека додека се развива рамката за иден мировен договор, ќе продолжиме да ја поддржуваме слободна, независна, демократска и суверена Украина.

Македонија | пред 1 година

448255050_1024556049046028_5622708286525486275_n

Наш проблем е Украина! Тие веројатно ќе добијат почеток на преговори, посакувам и ние да станеме членка на ЕУ, порача Сиљановска

Соочени сме со насушна потреба од нов Маршалов план. Она што по Втората светска војна го направија САД за разурнатата Европа, сега Европа е во можност да го стори за Украина, земја која, исто како и ние, секогаш била дел од Европа, историски, културно, а сега веројатно ќе стане и политички.Ова денеска го изјави претседателката Гордана Сиљановска-Давкова по учеството на Конференцијата за обнова на Украина, што се одржува во Берлин, изразувајќи надеж дека, како што рече, македонската и украинската иднина ќе биде во Европската Унија.„Итната потреба од нов Маршалов план е очигледна. Исто како што САД и помогнаа на повоена Европа, Европа сега има капацитет да ја поддржи Украина. Нашата усогласеност со европската заедничка и безбедносна политика е јасна. Како членка на НАТО, ние не само Посветуваме два отсто од нашиот БДП за помош на Украина, но и нудиме политичка, воена и економска помош“, истакна претседателот Силјановска Давкова.Претседателката рече дека ја тревожи ноторниот факт дека европска заедница настанала како мировен проект во 50-тите години на минатиот век. Посакува и ние да ставиме крај на, како што рече, оваа сага од 23 години и да ги почнеме преговорите со Европската Унија.„Конференцијата е продолжение на серијата годишни настани на високо ниво посветени на брзо закрепнување и долготрајна реконструкција на Украина, по почетокот на руската воена агресија“, рече таа.Силјановска Давкова ги призна ограничувањата на Македонија во обезбедувањето значителна економска помош во споредба со поголемите земји, но го истакна нејзиниот потенцијален придонес во други области. Тргнувајќи од сопственото искуство на Македонија по распадот на поранешна Југославија, таа ги истакна вредните лекции и помош што земјата може да и ги понуди на Украина во нејзините напори за обнова. И покрај економските ограничувања, Силјановска Давкова изрази решеност да продолжи да ја поддржува Украина во различни капацитети.„Неподелено беше мислењето дека е потребна емпатија и разборање во моментот. Треба да се подготви обновата на Украина, дури и кога сѐ уште трае војната. Ние и досега покажавме дека сме на линија на европската надворешна и безбедносна политика. Не само што ѝ помагаме на Украина, како членка на НАТО, со издвојување од 2 отсто од бруто-општествениот производ на НАТО, влегуваме во 18-те држави со највисоки издвојувања, туку и како што можеме политички, воено, па и економски ѝ помагаме на Украина“, рече таа.Обраќајќи им се на присутните на конференцијата, претседателката Силјановска Давкова ја подвлече потребата од справување со предизвиците како што се корупцијата и прашањата за управување, кои често ги придружуваат постконфликтните сценарија.Вознемирувачка реалност е отстапувањето од основната цел на Европската заедница како мировен проект. Првично замислен да го поттикне вечниот мир на Кант, сега се бориме со суровата реалност на конфликтот. Останувам со надеж дека по војната Европа решително ќе се изјасни „никогаш повеќе“, рече Силјановска Давкова.

Македонија | пред 1 година

siljanovska-inaguracija-sobranie

Сиљановска ќе го потпише законот кој се гласаше ноќеска во Собранието

Претседателката Гордана Сиљановска Давкова е должна да го потпише указот на Законот за организација и работа на органите на државната управа бидејќи станува збор за системски закон кој се носи со двотретинско мнозинство.-Кабинетот на Претседателката укажува дека Законот за организација и работа на органите на државната управа е системски закон, односно се носи со двотретинско мнозинство, па согласно член 75 од Уставот, Претседателот нема право на вето на истиот, односно е должен да го потпише указот, соопштија денеска од кабинетот на Сиљановска Давкова.Се очекува во најскор можен рок да биде потпишан, и да се формира новата влада.Веќе почнаа да се појавуваат првите имиња за министри за заменици министри во јавноста. Се очекува идната недела да бидат назначени новите министри во 20-те министерства.Како што е познато, бројот на министерства од 16, со новиот закон се зголеми на 20, а ќе има 24 министри, односно четири ќе бидат без ресор.

Македонија | пред 1 година

Foto-2

Претседателката Сиљановска Давкова ги врачи наградите за најуспешните на годинашното издание на „Охрид трчаТ“

Претседателката Гордана Сиљановска Давкова денеска, во Охрид, ги врачи наградите за најдобро пласираните учесници на осмото издание на атлетскиот викенд „Охрид трчаТ“.Милјана Ристиќ од Македонија во женска и Дарио Ивановски од Македонија во машка конкуренција, се првопласирани на главната трка на 21 километар, а Мирослав Спасов од Бугарија го освои првото место на трката на 5 километри.Претседателката изрази задоволство од високиот потенцијал и посветеност на годинашните натпреварувачи, кои што несомнено ќе придонесат за нивните идни значајни маратонски подвизи. Особена благодарност упати и до организаторите на годинашниот Охрид трчаТ“, за успешно реализираниот атлетски викенд, со рекордни 2200 учесници од 31 земја.

Македонија | пред 1 година

Screenshot-2024-05-25-at-10.28.33

Сиљановска Давкова во Рим на средба со македонската дијаспора

Претседателката Гордана Сиљановска Давкова за време на посетата на Италијанската Република и Светиот Престол, по повод манифестацијата „Македонија во чест на Св. Кирил“, во Рим, оствари средба со претставници на македонската дијаспора и на италијанско-македонската стопанска комора.Сиљановска Давкова беше зспозната со нивните активности и вклученоста на дијаспората во сите процеси во Италија.Во разговорот со Мунир Шемси, бизнисмен и претседател на АПИ НОРДЕС, претседателката беше информирана за заложбите на Комората, за неговиот личен и професионален развој, како и за над тридеценискиот хуман активизам насочен кон социјално ранливи семејства во неговиот роден крај.Претседателката Сиљановска Давкова изрази благодарност за исклучителниот придонес на македонските иселеници во континуираното унапредување и продлабочување на соработката меѓу македонската и Италијанската република. Таа ја нагласи важноста од одржувањето на врските со дијаспората, што како нераскинлив дел од македонското ткиво доследно ги негува културата и традицијата, афирмирајќи ја нивната матична држава во странство.

Свет | пред 1 година

Screenshot-2024-05-18-at-11.19.21

Првите кадровски решенија на Сиљановска: кои се новите лица на челни функции

Претседателката Гордана Сиљановска Давкова ги има првите кадровски решенија за во Вила Водно. Досегашниот генерален секретар Миле Бошњаковски и неговите заменици Билјана Радева и Тоше Зафиров се разрешени од функциите. Од Кабинетот на претседателката Сиљановска за „Скопје1“ велат дека нов генерален секретар е Ѓорги Божинов, а заменик Горан Момироски. Божинов, според неговата биографија е правник кој работел на повеќе позиции во Министерството за земјоделие пред да отиде во Вила Водно.„Генералниот секретар Ѓорги Божинов е дипломиран правник со речиси тридецениско работно искуство во областа на правото во земјоделскиот сектор, законодавната и институционалната рамка, процесите на јавни набавки, корпоративно советување, програмите за финансиска поддршка, државна помош, како и примена и хармонизација на легислативата на Европската Унија во овие области. Претходно, Божинов својата кариера во областа на правото ја остварува на раководни административни позиции во Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство“, велат од Кабинетот за „Скопје1“.Момироски, е познат за јавноста. Тој долги години е дел од медиумскиот свет.„Заменик генералниот секретар Горан Момироски е дипломиран новинар со долгогодишно работно искуство во повеќе медиуми во земјава, меѓу кои МТВ, А1 ТВ, ТВ Канал 5, МИА, Телевизија Алфа, а соработувал со голем број меѓународни организации и медиуми во регионот. Во текот на бегалската криза во 1999 година и на воениот конфликт во 2001 година Момироски бил шеф на одделот за комуникација при Високиот комесаријат за бегалци на Обединетите Нации, а работел и како регионален координатор за комуникации на Меѓународниот комитет на Црвениот крст“, додаваат од Кабинетот на Сиљановска.Побаравме детали и за други кадровски решенија како што се шеф на протокол, аѓутант, нови лица во Секторот за односи со јавност.„Во однос на други кадровски решенија, јавноста ќе биде навремено известена“, додаваат од кај Сиљановска.

Македонија | пред 1 година

Foto-1

И Европската унија на нозе оти Силјановска не кажа „северна“ - стигнаа првите предупредувања

Продолжуваат реакциите од Европската Унија за денешната заклетва на новата претседателка Гордана Силјановска-Давкова. Брисел директно бара Скопје да го почитува Договорот од Преспа со Грција.Во соопштението, Службата за надворешни работи на ЕУ (ЕЕАС) нагласува дека „ЕУ жали поради фактот што новата претседателка на Северна Македонија, Гордана Силјановска, не го употреби уставното име на земјата за време на денешната церемонија полагање заклетва“.„ЕУ потсетува на важноста од целосно почитување на постоечките, правно обврзувачки договори, вклучувајќи го и договорот од Преспа со Грција“, се заклучува во соопштението.Претходно со соодветна реакција имаше и претседателот на Комисијата. Во својата објава на Платформа Х, Урсула фон дер Лајен нагласи дека „со цел Северна Македонија да го продолжи својот успешен пат кон членство во ЕУ, од најголема важност е земјата да продолжи со реформскиот курс и целосно да ги почитува своите обврзувачки договори, вклучително и Договорот од Преспа“.

Македонија | пред 1 година

Согласност за колачиња (cookies)

Нашата веб-страница користи колачиња за подобрување на корисничкото искуство и анализа на сообраќајот.

Дознај ексклузивно и прв

Прв ќе ги дознаваш ударните и вонредните случувања