Изборот на Савески е историска шанса за реформи, потребна е „свежа крв“ во правосудството, вели Туфегџиќ
Адвокатот и поранешен судија Владимир Туфегџиќ оцени дека изборот на Ненад Савески за државен јавен обвинител претставува значајна можност за суштински промени во правосудниот систем, но изрази изненадување што изостанала јавна поддршка од институциите.Туфегџиќ посочи дека очекувал честитки и поддршка од судските власти, како и од Советот на јавни обвинители, имајќи предвид дека Савески доаѓа од судиската функција и има искуство и како јавен обвинител.Според него, токму ваквиот професионален профил носи потенцијал за промена на досегашните практики и за наметнување нов пристап во функционирањето на обвинителството.„Јавното обвинителство предолго е затворено само во себе и нема контакт со реалноста. Кога системот е затворен, не може да ги согледа сопствените слабости“, оценува Туфегџиќ.Тој смета дека Савески има „огромна одговорност и историска шанса“ да иницира позитивни движења и реални реформи, кои би ја вратиле довербата во институциите.Воедно, Туфегџиќ се залага за законски измени со кои би се овозможил поголем проток на кадри меѓу различните сегменти на правосудниот систем, вклучително и судиите, обвинителите и адвокатите.„Потребно е внесување ‘свежа крв’ – барем 10 проценти трансфер на кадар меѓу институциите. Тоа е здраво за развој и носи нова перспектива“, наведува тој.Како дополнителен аргумент, посочува дека според светските стандарди, промената на работната средина на секои десет години придонесува за професионален развој и нови идеи.На крајот, Туфегџиќ јавно му даде поддршка на Савески, порачувајќи дека пред него стои сериозна задача, но и можност за вистинска трансформација на обвинителството.
Македонија | пред 1 седмица