Актерот Питер Фонда почина на 79-годишна возраст по битка со рак на белите дробови, соопшти неговото семејство. Фонда, кој се прослави со легендарниот филм ,,Голи во седло“, снимен во 1969 година, починал во сон во неговиот дом во Лос Анџелес.
Питер Фонда е роден на 23 февруари во 1940 година во Њујорк. Одигра улоги во 125 остварувања, а славата ја стекна по филмовите од 60-те години на минатиот век што му донесоа статус на икона на контракултурата.
Особено се прослави со улогата во филмот „Голи во седло“ од 1969 година по сценарио што го напиша заедно со Денис Хупер и Тери Саутерн за што беше номиниран и за Оскар.
Питер Фонда играше и во филмот „Ghost Rider“ во 2007 година. Последната улога ја имаше во филмот „The Last Full Measure“ со Семјуел Л. Џексон и Морган Фримен чија премиера во кино салите во САД е најавена за октомври.