Откако познатиот производител на рамки за очила Menrad пред една година прогласи банкрот и отпушти 100 работници, пристигна вест дека окружниот суд им исплатил на поранешните вработени вкупно околу еден милион евра од социјалниот план.
Тоа во просек изнесува околу 2,5 месечни плати по работник.
Стечајниот управник Флоријан Цистлер изјави за германските медиуми дека ова е најголемата можна сума што успеале да ја обезбедат. Тоа е постигнато благодарение на успешната продажба на имотот и правата на брендот во изминатите месеци, пренесува Феникс магазин.
Компанијата Menrad е основана уште во 1896 година во Швебиш Гминд. Со децении биле лидери во производството и дистрибуцијата на рамки за очила, соработувајќи со гиганти како Jaguar, Joop и Pepe Jeans.
Сепак, кон крајот на март 2025 година компанијата прогласи несолвентност. Финансиската дупка била преголема, а работењето станало загубарско до тој степен што платите повеќе не можеле да се исплаќаат од тековните приходи. Бидејќи инвеститорите не покажале интерес за преземање на целиот погон, сите 100 работници во седиштето на компанијата добиле откази.
Иако седиштето во Швебиш Гминд е затворено, брендовите не исчезнаа. Данската Design Eyewear Group ги презеде правата на марките Jaguar, Menrad и Joop.
Преземени се и 10 работници од теренската продажба, па тие продолжуваат да работат кај новите сопственици.
Одделот за дизајн на производи и маркетинг во Минхен остана поштеден од затворање и продолжува со работа.