Иднината на Албанија не се креира само во Тирана, туку и во секој град каде што живеат Албанци – порача премиерот Еди Рама на четвртиот Самит на дијаспората, испраќајќи силна политичка и национална порака за улогата на Албанците ширум светот и во регионот.
Тој нагласи дека дијаспората има суштинска улога во економскиот развој и европската перспектива на земјата, посочувајќи ги Рим, Атина, Лондон, Цирих, Њујорк и Берлин како центри каде што се „пишува иднината“.
Рама посебно се осврна на Албанците во регионот, истакнувајќи дека Косово е „друга независна држава на Албанците“, а Албанците во Северна Македонија ги опиша како „државотворен народ на соседната и пријателска Република“.
„Иднината на Албанија се пишува секаде каде што Албанците живеат, работат и сонуваат. Но се пишува и надвор од границите – од Косово, преку Северна Македонија, до Црна Гора“, рече Рама.
Тој додаде дека оваа реалност не смее да се игнорира и дека претставува основа за соживот и стабилен развој во регионот.
Во своето обраќање, Рама повика на премин „од дистанца кон блискост и од чувства кон стратегија“, оценувајќи дека токму преку заеднички пристап Албанците, без разлика каде живеат, можат да имаат поголемо влијание врз економските и политичките процеси.
Пораката од самитот е јасна – дијаспората и Албанците во регионот не се периферија, туку активен фактор во обликувањето на иднината.