ЈП „Комунална хигиена“-Скопје објави акција со која на граѓаните им се овозможува отплата на заостанати долгови без пресметана камата за задоцнето плаќање.
Акцијата се однесува на корисниците кои имаат долг евидентиран преку заедничката сметка со ЈП „Водовод и канализација“-Скопје, по основ на неплатени услуги за собирање и транспортирање на комунален отпад, како за редовни, така и за веќе тужени побарувања.
Од претпријатието информираат дека можноста за плаќање без камата е временски ограничена и ќе трае од 20 април до 5 јуни 2026 година.
Со оваа мерка, од „Комунална хигиена“ ги повикуваат граѓаните да ја искористат поволноста и да ги подмират обврските без дополнителни трошоци.