На светските финансиски пазари американскиот долар зајакна втора недела по ред, бидејќи ескалацијата на кризата на Блискиот Исток ги натера инвеститорите да бараат побезбедни засолништа за капиталот.
Доларскиот индекс, кој ја мери вредноста на американската валута во однос на шесте најважни светски валути, минатата недела порасна за 1,6 проценти и достигна 100,49 поени.
Во однос на евро, американската валута зајакна за 1,7 проценти, па курсот се спушти на 1,1415 долари за евро. Доларот се засили и во однос на јапонскиот јен за 1,2 проценти, достигнувајќи ниво од 159,70 јени за долар.
Аналитичарите посочуваат дека инвеститорите се повлекуваат од поризични инвестиции, особено откако цените на нафтата пораснаа за повеќе од 35 проценти во последните две недели, по нападите на Соединетите Американски Држави и Израел врз Иран.
И покрај изјавите на американскиот претседател Доналд Трамп дека САД и Израел победиле, кризата во регионот продолжува. Иран и натаму изведува ракетни напади врз Израел и соседните држави, а истовремено го ограничува преминот на танкерите низ Ормускиот теснец, што дополнително го потресе светскиот пазар на нафта.
Силен и подолготраен раст на цените на нафтата би можел сериозно да влијае врз економиите на Еврозоната и Јапонија, кои во голема мера зависат од увоз на енергенси. Спротивно на тоа, економијата на Соединетите Американски Држави би можела полесно да се справи со ваквиот шок бидејќи земјата е нето-извозник на нафта.
„Инвеститорите ја намалуваат прекуграничната изложеност и го пренасочуваат капиталот кон побезбедни засолништа, додека под притисок се валутите на земјите кои се нето-увозници на енергенси“, изјави стратегот во компанијата Корпеј, Карл Шамота.