Иранскиот министер за надворешни работи Абас Арагчи ги отфрли најавите на Вашингтон за нови санкции против Иран, оценувајќи ги како знак на „очај“ и порака дека американската политика кон Техеран повторно се враќа на веќе користени мерки.
Арагчи, во видео објавено на Телеграм, порача дека новите американски мерки нема да успеат да го скршат Иран. Според него, Вашингтон треба да разговара со Техеран со почит и да бара решение засновано на „правда и чест“.
„Никогаш не сме се плашеле. Сите нивни акции – без разлика дали станува збор за блокади или други воени потези – завршија со неуспех. Оваа нивна нова иницијатива исто така ќе пропадне“, рече Арагчи.
Неговата изјава следува откако американскиот министер за финансии Скот Бесант најави дека во вторник ќе бидат објавени, како што ги опиша, „најстрогите санкции во историјата“ против Иран.
Американскиот претседател Доналд Трамп, пак, предупреди дека економски последици ќе има за секоја земја што ќе му обезбеди „каква било поддршка на Иран“. Бесант истовремено ја повика Кина да соработува со Вашингтон, имајќи предвид дека таа е главен купувач на иранската нафта.
Пекинг, од своја страна, повика спорот да се решава по дипломатски пат.
Иранската економија и натаму е под силен притисок од меѓународните санкции, додека воените дејствија дополнително ја погодиле инфраструктурата на земјата и предизвикале големи човечки загуби.
Во меѓувреме, Техеран продолжува да го контролира сообраќајот низ Ормускиот Теснец, еден од најважните поморски патишта за светската трговија со нафта. Ограничувањата врз транспортот низ теснецот придонесоа за раст на цените на нафтата и дополнително ја зголемија загриженоста на меѓународните пазари.