Иранската Револуционерна гарда (ИРГЦ) го претстави новиот дрон „Хадид 110“, за кој тврди дека е опремен со млазен погон, има намалена радарска забележливост и е наменет за пробивање на американските системи за противвоздушна одбрана.
Според ИРГЦ, леталото во изминатите две недели првпат било употребено во напади врз американски воени бази и воени бродови во регионот.
Станува збор за унапредена верзија на претходен модел, која, според ирански извори, достигнува брзина од 508 километри на час, што го прави најбрзиот познат ирански дрон. Леталото се лансира со ракетен потисник на цврсто гориво, по што се активира млазниот мотор.
„Хадид 110“ има боева глава од 30 килограми, дострел од околу 350 километри и може да остане во воздух приближно еден час. Неговата конструкција е дизајнирана за намалување на радарскиот одраз, со специјален облик на трупот и материјали што апсорбираат радарски бранови.
Иранските власти тврдат дека дронот е целосно развиен и произведен со домашни капацитети, иако земјата има поддршка од Кина и Русија.
Развојот на ваквото оружје, според аналитичарите, дополнително ја зајакнува улогата на Револуционерната гарда, која ги контролира иранските ракетни и беспилотни системи и има сè поголемо влијание врз воените одлуки на земјата.