На граничниот премин „Капитан Андреево“, на бугарско-турската граница, бугарските власти открија и запленија 206 килограми кокаин, сокриени во пет куфери во комбе со белгиски регистарски таблички. Според бугарските медиуми, ова е најголемата заплена на кокаин досега регистрирана во земјата.
Комбето го управувал 43-годишен бугарски државјанин, а со него биле уште двајца осомничени – дипломат од Демократска Република Конго и 54-годишен државјанин на Белгија. Кокаинот, чија пазарна вредност се проценува на околу 20 милиони евра, бил скриен меѓу лични предмети.
Бугарското Обвинителство потврди дека за случајот е отворена меѓународна истрага со вклучување на агенции од земји членки на Европската унија. Граничниот премин „Капитан Андреево“ одамна важи за една од клучните точки на балканската рута за шверц на кокаин кон Западна Европа.
Окружниот обвинител Иван Стојанов изјави дека тројцата уапсени се соочуваат со казна затвор до 20 години.