Мароканскиот крал Мохамед VI ја назначи министерката за урбанистичко планирање, Фатима Захра Ел Мансури, за премиерка, со што таа стана првата жена на чело на владата во Мароко.
Ел Мансури, која е и градоначалничка на Маракеш, доби задача да формира нова влада, што се очекува да се случи во наредните денови.
Новата влада ќе треба да реализира повеќемилијардни инвестиции поврзани со Светското првенство во фудбал во 2030 година, но и да ги исполни ветувањата за ограничување на инфлацијата, зголемување на платите и отворање нови работни места.
Центристичката „Партија на автентичност и модерност“ (ПАМ), на која ѝ припаѓа Ел Мансури, освои најмногу места на парламентарните избори одржани минатата недела.
Со назначувањето, Ел Мансури станува втората жена на чело на влада во арапскиот свет, по Насла Будин во Тунис. Мароко е уставна монархија, при што кралот и натаму има значителни овластувања.
Педесетгодишната Ел Мансури е адвокат по образование. Студирала на Универзитетот Мохамед V во Рабат, а образованието го продолжила во Франција и САД, каде што се специјализирала за деловно и корпоративно право.
Во политиката влегла по основањето на ПАМ во 2008 година, а во 2009 година станала првата жена градоначалничка на Маракеш. На таа функција се вратила по изборите во 2021 година. Во изминатите пет години била министерка за просторно планирање, урбанистичко планирање, домување и урбана политика.
Во февруари 2024 година станала координаторка на владејачката коалиција на ПАМ.
Според Уставот на Мароко, кралот го назначува шефот на владата од партијата што ќе освои најмногу гласови на изборите за Претставничкиот дом.