Британската нискобуџетна авиокомпанија „ИзиЏет“ одби три неофицијални понуди за преземање што ги доставила американската инвестициска компанија „Касллејк“, а последната изнесувала речиси 5,9 милијарди евра, односно пет милијарди фунти.
Од „Касллејк“ минатиот месец јавно го потврдија интересот за купување на авиокомпанијата, која главно оперира на европскиот пазар.
Компанијата соопшти дека сега директно ќе им се обрати на акционерите на „ИзиЏет“ за да ги разгледаат предностите на нејзиниот најнов предлог. Според британските правила за преземање компании, „Касллејк“ има рок до петок да поднесе формална понуда, во спротивно ќе мора да се откаже од намерата во следните шест месеци.
Раководството на „ИзиЏет“ повторно нагласи дека понудата ја смета за „крајно опортунистичка“, имајќи го предвид падот на цената на акциите и зголемените загуби предизвикани од растот на цените на авионското гориво поради конфликтот на Блискиот Исток.
Од компанијата порачаа дека остануваат уверени во својата стратегија и во способноста на „ИзиЏет“ на долг рок да обезбеди привлечна вредност за акционерите.
Третата понуда на „Касллејк“ предвидувала цена од 6,25 фунти по акција, што претставува премија од околу 59 проценти во однос на вредноста на акцијата на крајот на мај, пред компанијата да го објави својот интерес.
По објавувањето на информацијата, акциите на „ИзиЏет“ пораснаа за 3,4 проценти и достигнаа цена од 5,21 фунти.
Аналитичарите оценуваат дека пазарот сè уште не верува дека „Касллејк“ ќе успее во обидот за преземање, бидејќи цената на акцијата останува значително пониска од понудената сума.