Стевчо Јакимовски, новиот градоначалник на Карпош, се чуди зошто толку новинари го чекале пред суд, за денешното судско рочиште кое се води провитв него, а каде е обвинет за злоупотреба на службената положба и овластување како градоначалник во претходните мандати. Тој се жали и дека од 2013 година му се закануваат со затвор.
„Јасно дека се организирани од еден центар. Па нели вака правеше режимот? Очекувам и наративот во извештаите да биде со иста или слична содржина. Јасно е дека некој не може да се помири со поразот на локалните избори. Откако одлучив да се кандидирам на 16 февруари 2013 година до денес ми претат со затвор и постојано се обидуваат да ја остварат својата цел. Нема проблем ние ќе одиме по затвори, ако треба и да умреме, да молчиме, само тие да не работат, да уживаат, да седат по кафани и да си земаат тоа што мислат дека е нивно. Е сега повторно сме им криви и јас и народот. Јасно ми е како ден, секој ден ќе ме плукаат, ќе ме навредуваат, ќе ме прогонуваат како што правеа од 2013 до 2017 година, ќе држат пресови и протести пред вратите на општината и пак ќе бидам црн ѓавол, а јас им пружив рака и јавно им пратив покана за соработка. Нека тие мене со камења а јас нив со леб!“, напиша Јакимовски.