Ексминистерот за транспорт и врски, Миле Јанакиески, кој е обвинет дека бил организатор на упадот во Собранието на 27 април, побара ослободителна пресуда. Јанакиески рече дека бил во притвор за околности за кои сега обвинителката Вилма Русковска кажала пред медиумите дека нема докази. Тој очекува да биде ослободен од сите обвиненија.
За пораките разменети со ексминистерката за култура, Елизабета Канческа-Милевска, во кои таа бара свирчиња од Јанакиески, обвинетиот рече: „Па со свирчиња ли ги викна некој присутните пред Паркот на жената борец да влезат во Собранието?“
„Обвинителниот акт и ваквото постапување на Обвинителството ја наметнува правната несигурност што во основа ја има правната дискриминација базирана на фикции, лажен исказ и претпоставки за вина, а сето тоа се прави како обид да се докаже дека јас сум виновен за дејствата што ми се ставаат на товар со обвинителниот акт. Не сум јас тој што треба да седи тука пред вас на оваа обвинителна клупа“, рече Јанакиески.
„Главното прашање што се поставува денеска пред вас е ‘дали за овие 2,5 години слушнавте од Обвинителството: еве го доказот против Миле Јанакиески, еве го доказот дека Миле Јанакиески ги сторил дејствата што му се ставаат на товар?’ Ниту вие, ниту јас, ниту моите бранители ниту, пак, јавноста не слушна, ниту виде. Сето ова време се правеа манипулации и се зборуваше од страна на Обвинителството дека ‘Миле ги координирал комитетите за масовност на протестите’. И, одеднаш, по речиси 2 години судски рочишта, на крајот од постапката – тој дел исчезнува. Излегува обвинителката и вели: ‘Немаме докази’. Па оттука се прикажува нова приказна: ‘Миле ги организира пратениците и протестите’. Е, како е тоа направено? Се јавила Канческа-Милевска и барала свирчиња. Добро, и? Со свирчиња ли ги викна некој присутните пред Паркот на жената борец, кои го извршија актот на насилство да влезат во Собранието? Без поента се целата таа помпезност и презентирањето на тие пораки, кои, за жал, не може ни да се поврзат со обвинението, освен ако, како во случајот, некој си замислил некаква фикција нешто дека е така, па тоа евтино и се надевам безуспешно го продава пред судот и јавноста“, изјави Јанакиески.
Во периодот кога се разменувани и пораките што Обвинителството ги презентирало, Јанакиески вели дека немало никакво насилство, ниту нетрпеливост, а во Собранието не се дискутирало за избор на претседател.
извор: Макфакс