Жестока расправа меѓу пратеничката на СДСМ Сања Лукаревска и министерката за образование и наука Весна Јаневска ја одбележа седницата за пратенички прашања во Собранието. Во центарот на спорот беа почетокот на учебната година, градежните работи во ООУ „Киро Глигоров“ во Скопје и пренамената на празните училишни објекти во домови за стари лица.
Лукаревска од собраниската говорница ја обвини Јаневска дека дозволила учениците во едно од најновите и најреномирани училишта во Скопје да ја започнат учебната година во услови на градежни работи и со прашина, поради што дел од нив привремено следат настава од далечина.
Таа праша зошто градежните активности започнале непосредно пред почетокот на учебната година, иако договорот меѓу Министерството за образование и наука и Општина Центар бил потпишан уште во февруари.
Јаневска ги отфрли обвинувањата и рече дека градежните работи се спроведуваат во интерес на учениците, со цел да се создадат услови за едносменска настава.
„За да се доградува едно училиште, неопходна е соработка со општината. Проектот во архива беше предаден на 18 мај, цел месец не беше прикачен во системот, а откако се постави, поминаа уште 40 дена за одобрување. Барањето е одобрено дури на 28 јули“, рече Јаневска.
Министерката додаде дека онлајн наставата е само привремено решение и дека учениците ќе се вратат на настава со физичко присуство штом бидат обезбедени соодветни услови.
„Кога не градиме – зошто не градиме, кога градиме – зошто градиме? Ве молам, тргнете ги рацете од образованието“, порача Јаневска.
Расправата продолжи и околу затворањето на подрачните училишта и можноста нивните објекти да се пренаменуваат во домови за стари лица. Лукаревска посочи дека годинава има повеќе од 3.000 помалку првачиња, како и затворени училишта и укинати паралелки, оценувајќи дека состојбата е последица на сериозниот демографски пад.
Јаневска рече дека стои зад своите претходни изјави и објасни дека за пренамената на празните училишни објекти одлучуваат локалните власти, а не Министерството за образование и наука.
Таа посочи и пример со одлука на Владата донесена на барање на градоначалник од СДСМ за пренамена на напуштено училиште и ученички дом во дом за стари лица.
„Јас не им кажувам на градоначалниците што да прават со зградите кои останале празни – тие објекти се под нивна надлежност. Целата земјина топка старее, демографскиот пад не е проблем само на оваа власт“, рече Јаневска.
Според министерката, оптимизацијата на училишната мрежа е неопходна за да се подобри квалитетот на наставата, а ниту еден наставник не останал без работа.
Лукаревска, пак, остана незадоволна од одговорот и оцени дека Владата нема јасна стратегија за справување со демографската криза, предупредувајќи дека актуелните политики дополнително го зголемуваат незадоволството кај родителите и наставниците.