Моќен земјотрес со магнитуда од 8,8 степени според Рихтеровата скала во средата утрината во 11:24 часот по локално време ја погоди Камчатка, полуостров на рускиот Далечен Исток. Земјотресот предизвика серија од четири цунами бранови кои удрија во градот Северо-Курилск, во областа Сахалин.
Брановите продолжија кон источниот дел на Пацификот, достигнувајќи ги и западните брегови на САД. Националната метеоролошка служба на САД соопшти дека првите покачувања на нивото на морето се регистрирани во градот Кресент Сити во северна Калифорнија, блиску до границата со Орегон, каде што е измерен бран со височина над 30 сантиметри.
Најавени се и нови бранови во текот на денот.
Според Податоците на Пацифичкиот центар за предупредување од цунами, бран со височина од 1,74 метри е забележан во Кахулуи, на островот Мауи, а бран од 1,5 метар е регистриран во Хилу, на Хаваите.
Во Јапонија, како мерка на претпазливост, беше евакуирана нуклеарната централа Фукушима. Засега нема информации за повредени лица.
Овој настан ја вознемири јавноста во Јапонија, потсетувајќи на катастрофалниот цунами од 2011 година кој предизвика нуклеарна хаварија во Фукушима Даичи и одзеде над 18.000 човечки животи.
Неколку часа подоцна, првите бранови ги зафатија и Хаваите. Пацифичкиот центар за предупредување соопшти дека е намалено нивото на тревога за Хаваите. Иако не се очекува разорен цунами, предупредуваат на можно појавување на посилни бранови, поплави во ниските подрачја и опасни струи.
„Граѓаните кои беа евакуирани може безбедно да се вратат во своите домови“, изјави гувернерот на Хаваи, Џош Грин.
Граѓаните се повикуваат да внимаваат и да возат внимателно, особено во потенцијално поплавени зони.
Меѓународниот аеродром во Хонолулу повторно е отворен, а Хавајскиот оддел за сообраќај соопшти дека и морските пристаништа ќе бидат ставени во функција.
фото: Х