Градоначалникот на Штип, Иван Јорданов, реагираше по серијата инциденти во централното градско подрачје, каде во изминатите денови беа исечени новогодишни сијалици, уништени садници и оштетена урбана опрема. Тој порача дека ваквите појави претставуваат сериозен удар врз заедничкото добро и врз вложувањата на општината.
„Сведоци сме на слики кои никој од нас не сака да ги види,“ истакна Јорданов, нагласувајќи дека овие дејствија не се само вандализам, туку чин што ја нарушува сликата на градот и го поткопува трудот на сите кои работат за поуредено урбано окружување.
Градоначалникот упати јасен апел до СВР Штип да преземе мерки и санкции кон сторителите. „Таквото однесување не само што ја загрозува безбедноста, туку ја понижува заедницата,“ рече тој, потенцирајќи дека потребна е поголема ангажираност во заштитата на јавниот ред и имот.
Во својата порака, Јорданов ги повика и граѓаните да покажат повисока свест и одговорност:
„Нашиот град може да биде онаков каков што го посакуваме само ако секој од нас покаже грижа. Само заеднички можеме да го сочуваме јавниот простор и да создадеме средина во која сите се чувствуваме горди да живееме.“
Тој ги охрабри жителите да реагираат доколку забележат уништување и да придонесат за заштита на инвестициите и уредувањето на градот.
„Нашиот град е наш дом и наша должност е да го чуваме,“ порача градоначалникот.