ЈСП веднаш реагираше по објавата на социјалните мрежи во која Александар Велевски, кој боледува од церебрална парализа, се пожали дека и покрај уредбата на раководството на ЈСП да се дозволи влез за кучињата, тоа му било оневозможено в автобус со број 6.
„Ве информираме дека ЈСП Скопје преку социјалните медиуми дозна за случајот со Александар и неговото куче придружник, кој преку „фејсбук“ информираше дека не му бил дозволен влез во автобус и покрај неодамнешната одлука на раководството за слободен пристап/влез на кучињата придружници на лицата со инвалидитет.
Веднаш преку порака го исконтактиравме Александар да ни објасни за случката, но, се уште ни нема одговорено.
Во меѓувреме, телефонски стапивме во контакт и со неговиот татко кој немаше никаква информација за настанот. Поради работни обврски, ни рече дека во текот на попладнето ќе не исконтактира.
Што точно се случило, истражуваме и преку нашата внатрешна контрола.
Доколку се потврди дека возачот не го пуштил Александар со Бен да влезе во автобус, од нему познати причини, ќе биде соодветно санкциониран“, се вели во соопштението.