Денеска, на 2 јануари се празнува Св. Игњат, како што некои велат, судниот ден за цела година. Има многу верувања поврзани со овој ден.
По повод празнувањето на Св. Игнатиј Богоносец, во црквата Св. Троица Охрид (Црногорци), синоќа се отслужи бдение на кое беа изложени моштите на овој Божји угодник.
На овој ден започнуваат подготовките за празникот Рождество Христово – Божик и затоа се нарекува и Прв Божик. Празникот секогаш е пет дена пред Божик и со него започнуваат свеченостите поврзани со зимските празници. Поголем број обичаи поврзани со овој празник упатуваат на заклучокот дека со овој ден започнуваат и новогодишните обичаи, а има и такви што потсетуваат на свеченостите поврзани со далечните пагански прослави на зимската краткодневица и враќањето на сонцето од јужните напоредници. Во таа смисла се обредните огнови познати кај многу народи.
Овој свет маж е наречен Богоносец затоа што постојано во срцето и на јазикот го носел името на живиот Бог. Преданието уште вели дека е наречен Богоносец и зашто него го зел на раце воплотениот Бог Исус Христос. Во времето кога Господ ги учеше своите ученици на духовен живот според евангелските заповеди, зеде едно дете, го постави меѓу нив и им рече: „Оној којшто ќе се смири и ќе стане како ова дете, тој е најголем во царството небесно“ (Матеј 18, 4). Тоа дете беше Игнатиј. Подоцна Игнатиј му беше ученик на свети Јован Богослов, заедно со Поликарп, епископот Смирненски. Беше Антиохијски епископ и управуваше со Божјата Црква како добар пастир. Го воведе антифонскиот начин на пеење во Црквата, т.е. наизменично пеење на две певници.
Овој славен вљубеник во Господ Исус Христос пострада во 106 година во Рим, за време на христоборниот цар Трајан. Се има јавувано повеќепати, притекнувајќи им на помош на сите што го повикуваат со вера.