Актерката Јелена Јованова објави статус на социјалните мрежи, реагирајќи на хуманитарната катастрофа во Појасот Газа. Таа се обрати до родителите, прашувајќи ги какви вредности им пренесуваат на своите деца во време кога гладот и страдањата се сведени на статистика, а емпатијата се губи во лавиринтот на политички оправдувања.
Што им порачавте денес на вашите деца?
Сигурно ќе ве прашаат вечерва.
На оние во Газа кои умираат од глад, чии мајки ги хранат со сол и вода – не за да бидат здрави, туку за да ги одржат во живот барем уште еден ден, на оние што не се ни живи ни мртви, туку скелети што се движат – е јасно!
Што ќе им кажете на вашите? Којa морална, ХУМАНА лекција ќе им ја пренесете?
Каде, на пиедесталот, ќе им ја сместите емпатијата, а каде рамнодушноста?
Сигурно ќе им спомнете: „Ама ќерко моја, сине мој, не се разбираш во политика.“
Се надевам ќе ви одговорат: „За да го разбереш човековото право, хуманоста, не треба да ја разбираш и политиката!“
Дека во Газа има недостаток на храна?
Се надевам ќе ви кажат: „Не, во Газа се случува воен злостор. Геноцид.“
Дека секој има право да се брани?
Се надевам ќе ви кажат: „Изгладнувањето не е одбрана! Гладот не е оружје!“
Дека и онака не можеме ништо да направиме?
Се надевам ќе ви кажат: „Одговорноста е колективна, ама и срамот кога истата не се презема!“
Дека е касно и треба да спијат?
Се надевам ќе ве прашаат: „Што за вас е поважно од човековиот живот?“
...се надевам!