Општина Карпош денеска официјално ја започна изградбата на новиот објект на детската градинка „Пролет 2“ во населбата Козле, кој ќе биде изграден на локацијата на постојниот стар објект на улицата „Милан Марковиќ“.
Станува збор за современ објект проектиран според најновите стандарди за престој, воспитување и развој на децата, со капацитет за згрижување на 130 деца.
Новата градинка ќе располага со изградена површина од 1.156 квадратни метри, како и со речиси 2.000 квадратни метри простор наменет за игра и зелени површини. Во рамките на објектот се предвидени седум занимални со сопствени санитарни јазли и тераси, сензорна соба, тоалет за деца со попреченост, административни простории, кабинети, чајна кујна, креативен простор, подземен паркинг, лифт и зелена кровна тераса.
Заменик-градоначалникот на Општина Карпош, Неделчо Крстевски, истакна дека проектот претставува значајна инвестиција во иднината на најмладите жители на општината.
„Посебно сме горди што започнуваме со изградба на објект кој ќе биде дом на најмладите карпошани. Не станува збор само за инвестиција во инфраструктура, туку за инвестиција во иднината на децата, во простор каде што тие ќе растат, ќе се развиваат и ќе создаваат спомени“, изјави Крстевски.
Вкупната вредност на инвестицијата изнесува 137.245.089 денари, а средствата се обезбедени од Владата преку јавен повик на кој Општина Карпош аплицирала со сопствен проект.
Според најавите, рокот за реализација на проектот е 120 дена. Изведувач на градежните работи е компанијата „Нексос Инженеринг“, додека надзорот над изградбата ќе го врши „МГ Проект“.
Со реализацијата на овој проект, Општина Карпош продолжува со вложувањата во предучилишната инфраструктура и создавање современи услови за воспитување и образование на најмладите жители.