Војната против Иран создаде сериозен финансиски притисок врз американската морнарица, која пренасочува средства наменети за плати и други клучни ставки за да ги покрие трошоците од борбените операции, пишува „Гардијан“, повикувајќи се на интерни документи и разговори со функционери, воени добавувачи и аналитичари.
Во еден документ на Пентагон за финансирањето на морнарицата, во кој весникот имал увид, директно се предупредува на „недостиг на сметките за плати“, бидејќи парите се пренасочуваат за финансирање на операциите.
„Касичката е скршена“, ја опишал состојбата Харлан Улман, пензиониран поморски офицер и член на Националната комисија за иднината на морнарицата.
Поради недостигот од пари, според изворите на весникот, одложени се сите работи за одржување на копнените објекти кои не се оценети како итни.
Еден функционер од морнарицата објаснил дека средствата за плати биле пренасочени кон непредвидени операции во странство, а потоа самиот недостиг на сметката за плати почнал да се покрива со други неискористени средства.
„Буквално го крпат буџетот за плати за воопшто да ги добиеме исплатите“, рекол тој.
Буџетот на американската морнарица за 2026 година изнесува речиси 300 милијарди долари. Средствата се поделени во повеќе категории – персонал, бродоградба, набавка на вооружување, како и операции и одржување – а американските закони строго го ограничуваат префрлањето пари меѓу овие ставки.
Проблемот стигнал и до Конгресот.
Сенаторката Сузан Колинс на 21 јули изјавила дека е информирана оти некои гранки на вооружените сили имаат краткорочни проблеми со ликвидноста, а нејзин соработник подоцна потврдил дека тоа се однесувало и на морнарицата.
Официјално, американската морнарица негира дека средствата за операции и одржување се исцрпени.
„Министерството за морнарица активно управува со своите ресурси за навремено да ги исполни обврските за плати“, соопштиле оттаму, додавајќи дека продолжуваат да соработуваат со Конгресот за финансирање на оперативните потреби.
Но, повеќе извори наведуваат дека недостигот од средства е добро познат во воените кругови.
Адмиралот Дерил Каудл уште во мај го предупредил Конгресот дека буџетот за 2026 година не ја предвидел операцијата „Epic Fury“ и дека во јули можеби ќе мора да носи одлуки кои ќе влијаат врз воените вежби и рутинските операции за да обезбеди пари за продолжување на војувањето.
Министерот за одбрана Пит Хегсет, пак, рекол дека војната со Иран досега чинела 35,7 милијарди долари, иако не е јасно дали во таа бројка се вклучени сите трошоци.
Администрацијата на Доналд Трамп побарала од Конгресот 67 милијарди долари итни средства за Пентагон.
Претставничкиот дом во јули одобрил одбранбен буџет од 1,15 билиони долари и посебно 73 милијарди долари за војната со Иран, но останува неизвесно дали истите предлози ќе ја добијат потребната поддршка во Сенатот.
Еден од клучните проблеми е што војната со Иран нема формално одобрение за употреба на воена сила од Конгресот, што ја разликува од војните во Ирак и Авганистан.
„Се поставува прашањето дали Конгресот воопшто е должен да плаќа за конфликт што не го одобрил“, оценува Улман.
Финансиската криза е особено непријатна за Трамп, кој во повеќе наврати најавуваше големо проширување на американската морнарица и ја промовираше идејата за таканаречена „Златна флота“.
Во меѓувреме, реалниот проблем за морнарицата стануваат потрошените резерви на муниција, оштетената инфраструктура и недостатокот на свежи буџетски средства.
„Во огромни проблеми се. Потрошија муниција, им беа уништени бродови и останаа без пари“, ја сумирал состојбата поранешен воен офицер кој денес работи за компанија што ја снабдува морнарицата.