Првиот човек на СЈО, Катица Јанева, во интервју за „Независен“ вели дека обвинителството ќе побара меѓународна помош за да открие од каде му стигаат пари или кој го финансира претсојот на поранешниот македонски премиер Никола Груевски како азилант во Будимпешта.
- Не завршивме со истражувањето на Никола Груевски во делот на имотната состојба. По сите изјави и фотографии што се објавуваат во јавноста, гледаме дека тој живее удобен живот во странска држава. Имаме намера, покрај финансиската истрага што како предистрага се води за Груевски, да побараме меѓународна помош и да видиме кои се изворите на пари од кои се издржува Никола Груевски во таа странска држава. Но, за тоа ни е потребно да се донесе законот за јавно обвинителство - вели Јанева.
Таа ги групира во три категории причините поради кои опозицијата не сака да се дојде до лесен договор со власта околу новиот закон за јавното обвинителство со кој ќе се продолжи рокот на СЈО како регуларно тело, а за што Европската комисија има големи очекувања.
Вели дека кога ќе се продолжи рокот на СЈО со новите законски решенија ова обвинителство ќе превземе случаи од редовното кои се однесуваат на високи функционери. Верува дека ниту еден предмет од оние отворените на СЈО нема да згасне, ниту пак ќе има наменска амнестија за некого. Потврди дека повторно ќе конкурира кога ќе и истече мандатот бидејќи „на тоа имаат право сите обвинители што ги исполнуваат условите предвидени со предлог- законот“.