По денешната средба помеѓу лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски и независната осумка во Собранието, извори за „Скопје 1“ немаше многу информации за тоа кои биле точните теми на кои се разговарало.
Според извори на „Скопје 1“ блиски до независните пратеници, главниот фокус бил ставен на законот за Специјалното јавно обвинителство. Имено, Мицкоски го испитувал теренот и мислењето на пратениците, дали тие ќе дадат поддршка за овој закон, кој е нивниот став, дали се спогодиле со Заев, но и дали ќе дадат свои амандмани на законот.
Главната цел на ВМРО-ДПМНЕ е независните пратеници да ги поддржат барањата на партијата, кои пред извесно време се доставени до Владата, но Заев не ги прифаќа. Средбата ја иницирал Мицкоски, а кој ќе биде епилогот, ќе се види откако осумте пратеници ќе разговараат меѓусебно.
Станува збор за осумте пратеници од ВМРО-ДПМНЕ и коалицијата „За подобра Македонија“, кои во последен момент се премислија и го прифатија договорот за името со Грција, по што веднаш беа исклучени од партијата.
Новата пратеничка група е составена од 7 членови на ВМРО-ДПМНЕ и еден пратеник од Социјалистичката партија кои гласаа за потребaта од уставни измени, а ќе биде предводена од Елизабета Канческа Милевска. Освен неа во групата се и Владанка Авировиќ, Зеќир Рамчиловиќ, Емилија Александрова, Нола Исмајлоска Старова, Крсто Мукоски, Сашо Василевски, Љубен Арнаудов.