Катната гаража околу комплексот ТЦ „Лептокарија“ со зелен парк над гаражата е еден од капиталните проекти во нашата програма за најдоброто за Карпош, рече кандидатот за градоначалник на Карпош од СДСМ Душко Весковски.
– Со ова ќе се надмине предизвикот од недостиг на паркинг-простор во овој централен и најфреквентен дел од општината, односно ќе се реши долгогодишниот проблем со паркирањето на жителите, но и на посетителите на објектите во комплексот на ТЦ „Лептокарија“, а воедно и ќе се збогати и хуманизира просторот околу објектот. Овој проект ќе се реализира до крајот на 2024 со меѓуопштинска соработка со Град Скопје. Катната гаража ќе биде на едно ниво, 90×50 метри, со 130 паркинг места и зелен парк на покривот каде ќе бидат конструирани 4 спортски игралишта. Предвидено е влезот да биде од страната на ул. Никола Русински, а излезот од страната на ул. Карпошово востание. При изведување на овој проект нема да се наруши подземната инфраструктура – рече Весковски.
Според него, карпошани заслужуваат скапоценото време да го поминуваат со своите семејства во своите домови, а не да го трошат во потрага по место за паркирање.